Томе Серафимовски (роден на 14 јули 1935 година во село Зубовце крај Гостивар, Македонија) е македонски скулптор. Основното образование го завршува во Гостивар. Во Сплит во 1957 година завршува средно уметничко училиште, отсек вајарство, во класата на професорот Жељко Радмиловиќ, а соработува со професорите Иван Мирковиќ и Марин Студин. Истовремено, три години работи како сликар-сценограф во сплитскиот Народен театар. Своето образование го продолжува 1957 на Академијата за ликовни уметности во Загреб, на која дипломира во 1963, во класата на професорот Антун Аугустинчиќ. Во меѓувреме, година дена работи како соработник во мајсторската работилница на својот професор.
Во јануари 1966 година, како стипендист на Француската Влада, заминува на студиски престој во Париз. Повеќегодишниот престој во Париз остава видливи траги врз творештвото на Томе Серафимовски. По враќањето од Париз, кон крајот на 1969 година, извесно време работи како сценограф во Телевизија Скопје. Од почетокот на 1970 па сè до 1987 година живее и работи во Гостивар и во Охрид.
Член е на Друштвото на ликовните уметници на Македонија од 1962, член е на МАНУ од 1988, член е на САНУ, во редот на странските членови од 2003, како и член на Светската академија за наука и уметност со седиште во Сан Франциско од 2006 година.
Во текот на сите години на творештво, Томе Серафимовски имал повеќе од 30 самостојни изложби, во земјата и во странство, меѓу кои во: Гостивар, Сплит, Риека, Париз, Скопје, Белград, Охрид, Карловац, Мостар, Лас Палмас, Нирнберг, а учествувал и на преку 300 групни и колективни изложби. Досега има создадено, во траен материјал – бронза, мермер и дрво, над 500 скулптури (скици, фигури, портрети, релјефи), и 40-ина спомен-обележја и споменици (на повеќе теми), кои се наоѓаат низ просторите на Република Македонија, на поранешна Југославија и во светот.
Неговите дела се наоѓаат во повеќе приватни и јавни збирки ширум светот, како и во многу галерии и музеи, и тоа во: Галеријата на Бакингемската палата (во колекцијата на принцот Чарлс) во Лондон, Ватиканскиот музеј во Рим, Музејот на друштвото на писателите во Лас Палмас, Македонскиот кутурен центар во Перт, Фондацијата „Кирил и Методиј“ во Софија, Галеријата на Фестивалскиот центар во Варна, Спомен-куќата „Едвард Кардељ“ во Љубљана, Градската библиотека во Карловац, Музејот на градот Мостар, Народниот музеј во Ваљево, Градскиот музеј во Ѓаково, Галеријата на великаните во МАНУ, Хрватска, Библиотеката на ХАЗУ во Загреб, Уметничката збирка на САНУ во Белград, Собранието на Република Македонија, Владата на Република Македонија, Музејот на современата уметност во Скопје, Драмскиот театар во Скопје, и во многу други институции во Македонија и низ светот.
Академик Томе Серафимовски е добитник на многубројни награди и признанија: „11 Октомври“, „18 Октомври“, „Нерешки мајстори“, Златна повелба за 30 години уметничка работа, „Арт егзодус ’98“, „13 Ноември“, „Духовен воин“, Орден на Загрепската надбискупија, Благодарност од ХАЗУ, „Мајка Тереза“, Орден на Редот на хрватските плетери…
Негови најпознати споменици и спомен-обележја се: „Македонски партизански одред Кораб“ во Ново Селo кај Гостивар, „Стрелање“ во Леуново кај Гостивар, „Кирил Пејчиновиќ-Тетоец“ и „Иљо Антески-Смок“ во Тетово, „Народен херој Вера Јоциќ“ во Македонска Каменица, „Пробив“ на мостот преку реката Корана и „Крава“ во Карловачката индустрија за млеко во Карловац, „Св. Кирил и Методиј“ во Охрид, Скопје и Белград, „Мајка Тереза“ во Скопје, Ватикан и Нирнберг, „Кочо Рацин“ во Самбор и Велес, „Петре Прличко“ и „Панко Брашнаров“ во Велес, „Милтон Манаки“ во Битола, „Људевит Гај“ во Загреб, „Св. Наум Охридски – Чудотворец“ и „Св. Климент Охридски“ во Охрид, и бројни други.








