ZAJEDNICA MAKEDONACA U REPUBLICI HRVATSKOJ
ЗАЕДНИЦА НА МАКЕДОНЦИТЕ ВО РЕПУБЛИКА ХРВАТСКА
ASSOCIATION OF MACEDONIANS IN REPUBLIC OF CROATIA
.
Заедницата на Македонците во Република Хрватска (ЗМРХ) формирана е на 22.12.1991 година и веќе 33 години делува како етничка и национална заедница, односно како аполитичко и непрофитно здружение. Нејзината основна дејност се состои во чување на националниот идентитет и ентитет, негување на јазикот, фолклорот, пишаниот збор, културните и природните богатства на Република Македонија, историските факти и вистината, како и одржување на тесни контакти со матичната држава и соработка со нејзините институции.
ЗМРХ успешно соработува со Амбасадата на Р. Македонија во Р. Хрватска, Македонската Православна Црква во Р. Хрватска, советите и претставниците на македонското национално малцинство, како и со сите останати меродавни институции во Р. Хрватска и Р. Македонија.
Основна цел на членовите на ЗМРХ е да бидат лојални и достојни граѓани на Република Хрватска како чесни и достојни амбасадори на Република Македонија.
Во составот на ЗМРХ делуваат 6 (шест) Македонски Културни Друштва:
МКД „ОХРИДСКИ БИСЕР“ – Загреб,
МКД „БРАЌА МИЛАДИНОВЦИ“ – Осиек,
МКД „ИЛИНДЕН“ – Риека,
МКД „МАКЕДОНИЈА“ – Сплит,
МКД „БИЛЈАНА“ – Задар,
МКД „СВ. КИРИЛ И МЕТОДИЈ“ – Пула.
Програмската ориентација на ЗМРХ и нејзините друштва е многу амбициозна и разноврсна, а се состои од: музичко-сценски, ликовно-изложбени, книжевно-лингвистички, информативно-образовни, просветно-педагошки и историско-издавачки активности.
На ниво на ЗМРХ се одбележуваат поголемите значајни јубилеи и празници. Секоја година традиционално се прославува „ИЛИНДЕН“, потоа „ДЕН НА ЗМРХ“, „РАЦИНОВ ДЕН – БЕЛИ МУГРИ“, „ДЕНОВИ НА БРАЌАТА МИЛАДИНОВЦИ“, „ДЕНОВИ НА СВ. КИРИЛ И МЕТОДИЈ“, „ДЕНОВИ НА ГЛАГОЛИЦАТА“, „ТВОРЕШТВО НА МАКЕДОНСКИ УМЕТНИЦИ ВО ХРВАТСКА“, „ДЕНОВИ НА МАКЕДОНСКАТА КУЛТУРА“, „ДЕНОВИ НА МАКЕДОНСКИОТ ФИЛМ“, се организираат разни ИЗЛОЖБИ, ПРОМОЦИИ, ТРИБИНИ и уште многу други настани.
Посебен успех на ЗМРХ е одржувањето на Летниот камп – училиште на македонски јазик со работилници за ученици припадници на македонското национално малцинство на Р. Хрватска. Отворени се и работат дополнителни изборни настави на македонски јазик и култура за ученици во основно училиште во Загреб, Пула, Осиек, Риека и во Сплит, како и дополнителни изборни настави на македонски јазик и култура за ученици во средно училиште во Загреб, Риека и Осиек. Исто така, веќе неколку години по ред се одржува и Работилница за негување на македонски јазик за возрасни во Загреб и Риека.
За својата работа, ЗМРХ има добиено неколку признанија меѓу кои е и признанието „Повелба на Република Македонија“ од претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, за особени заслуги и достигнувања во својата дејност како организација за зачувување и афирмирање на македонските историски, културни и духовни традиции и вредности во светот, како и за придонесот за унапредување на пријателските односи и соработката на Република Македоноија со Република Хрватска и признание за соработка и придонес во промовирањето и развивањето на културното творештво на националните малцинства на манифестациите на културно творештво на националните малцинства во РХ од Советот за националните малцинства на РХ.
Во самите Македонски Културни Друштва формирани се различни секции како што се: фолклорни, пејачки, инструментални, рецитаторски, спортски, детски, етно-работилници, кулинарски итн. Македонските Културни Друштва одржуваат и свои самостојни културни манифестации, а настапуваат и на културни манифестации насекаде во Р. Хрватска.
Програмските активности на ЗМРХ се финансираат со средства од Државниот буџет на Република Хрватска преку Советот за националните малцинства на Република Хрватска, со средства од Министерствата на Република Хрватска и Република Македонија, како и со средства на ниво на градовите и жупаниите во РХ, а и со помош на индивидуални донации.
Реализацијата на програмите се следи преку Хрватската радиотелевизија и тоа преку мултинационалната програма за националните малцинства „ПРИЗМА“, преку радио-емисиите за националните малцинства, преку дневниот печат и останатите медиуми.