Кавалот е традиционален македонски народен дувачки инструмент отворен од двете страни, изработен од едно парче јасеново дрво и орнаментиран низ целата должина. Горниот крај на кавалот е малку стеснет и со остар раб. Овој инструмент на предната страна има седум активни мелодиски отвори, а на задната еден. Покрај овие, има уште четири пасивни отвори од кои два се странични, еден е на предната, а другиот на задната страна на кавалот. Шестиот отвор се наоѓа при средината на инструментот.
При свирење, кавалот се држи со двете раце под агол од 45 степени наклонет на левата или десната страна. Се дува на горниот заострен отвор, така што устата опфаќа 3/4 од отворот за дување. Промената на притисокот при дување во него ја менува и висината на звукот. Кавалот обично стои на дрвен држач (арбија), кој го штити од искривување и ја чува внатрешноста замастена.
Звукот на кавалот е топол, меланхоличен и пријатен. Додека во минатото ова бил овчарски инструмент, денес се користи во народни песни и ора како дел од ансамбл или соло. Кавалот често се свири во пар, од кои едниот ја води мелодијата (водач), а другиот ја придружува (полагач). Во Македонија кавалите се најраспространети во Полог (Тетово и Гостивар), Битолскиот и Охридскиот регион.