Кочанските оризови полиња

Кочанските оризови полиња

 

Едно од најголемите богатства на Македонија и нејзина вистинска гордост, претставуваат надалеку познатите кочански оризови полиња. Живописната Кочанска котлина е сместена во источниот дел на Македонија по течението на реката Брегалница. На нејзината северна страна се наоѓа убавото и уредено гратче Кочани. Кочанската котлина е со површина од 1.020 km² и должина од 26 km. Средишниот рамен дел на котлината со површина од 115 km² е познат како Кочанско поле. Во овој крај постојат извонредно поволни природни услови за одгледување на житни култури, особено на оризот – релјефна погодност, плодна почва и расположива богата хидрографска мрежа. Поради тоа и земјоделството е најразвиена стопанска гранка.

 

Најзначајна земјоделска култура со многувековна традиција, високи приноси и одличен квалитет, а по која Кочанската котлина е надалеку позната и во Македонија и на Балканот, е оризот. Тој се одгледувал тука уште од 4. век п.н.е. во времето на Александар Македонски. Според една легенда, градот Кочани го добил името уште многу одамна по еден печалбар Кочо, кој враќајќи се од Кина го пренел и оризот во својот роден крај. Тој успешно почнал да се одгледува, а местото го добило името во негова чест.

 

Поради својата голема вредност за македонското стопанство оризот е наречен и „кочанско бело злато“. Одгледувањето на ориз е застапено на околу 4.000 хектари, со принос од приближно 6.000 kg/ha. Најзастапени се сортите „Монтичели“, „Сан Андреа“, „Монтеса“, „Кочански бисер“ и други. Потврда за високиот квалитет на оризот е признанието „Гранд-при – најдоброто од Македонија“, со заштитен знак бр. 1, добиено на саемот во Брисел. Кочани од 1992 година организира и стопанско-културна манифестација „Денови на кочанскиот ориз“, со цел промовирање на оризот како симбол на градот.

 

Освен по оризот, Кочанската котлина е позната и по своите термални води. Таа претставува најголем термален басен на води со високи температури на Балканот, кои досегаат и до 80° С. Кочанските оризови полиња му даваат посебен белег и култура на овој крај, а волшебниот несекојдневен пејзаж создава чувство на восхит и е голем предизвик за посета.

 

Comments are closed.