Истевничките скаменети кукли

Истевничките скаменети кукли

Дел од мозаикот на природните убавини што ги чува Македонија во своите пазуви се мистериозните земјени пирамиди. Освен познатите кратовски „Куклици“, овие уникатни карактеристични релјефни форми ги има и во јужниот дел на Општината Делчево во областа Пијанец, на само 1,5 км од селото Нов Истевник.

На североисточната страна на планината Средна, во подножјето на врвот Бејаз Тепе во близина на месноста Мокра ливада и на надморска височина од 880 м, на пространство од околу 4 хектари во должина до 200 м и широчина до 50 м, по страните на поголем природен дол длабок 60 м, процесот создал 50-тина земјани пирамиди со височина до 15 м. Сокриени во густата борова шума, дел од нив се сосема одвоени и наликуваат на скаменети кукли, па оттука и името на појавата, наречено „Кукуље“.

Кукуљето е интересна појава, втора по важност од овој вид во Македонија. Најстарите пирамиди што се наоѓаат до дното се веќе сосема оформени. Над нив се помладите што наликуваат на замоци и куполи. Процесот се поместува нагоре по падините, а нивното создавање е активно и денес. Науката укажува дека формите настанале преку сложени тектонски движења во миоцено-плиоценските периоди со вековни ерозивни процеси на трошните седиментни карпи под влијание на атмосферските фактори, при што заостанале само поцврстите делови.

За потеклото на Кукуљето има бројни легенди кои го одразуваат богатиот народен дух на населението од овој крај. Мештаните раскажуваат дека имало голема свадба, а сватовите со песна и веселба оделе по невестата до местото Кукуље, каде тогаш имало црква. На патот ги пресретнал просјак и ги замолил да го почестат, а тие го исмеале и навредиле. Но, тоа бил Господ, облечен како просјак, кој сакал да ја види човечноста кај овие луѓе. Кога видел колку се нечесни, тој ги закукулил и тие среде својата веселба останале скаменети до ден денешен плаќајќи го гревот што го направиле.

Локалитетот Кукуље е редок гео-морфолошки феномен заштитен како споменик на природата. Делумно е заграден и уреден со патеки, клупи и видиковци, за да може да се ужива во недопрената природа, да се фотографираат и набљудуваат разните облици стари стотици години. Се добива впечаток како некој да ги вајал карпите кои личат на луѓе, животни, птици, печурки, џуџиња или митски суштества. Целиот простор плени со својата монументалност, а глетката е фантастична и лете и зиме. Засенува убавината, што ја впиваат посетителите посакувајќи повторно да дојдат.

Comments are closed.