Македонската историја е пребогата. За тоа сведочат бројните археолошки наоѓалишта на територијата на Македонија каде што континуирано се откриваат тајни за животот уште од пред илјадници години. Меѓу нив е и локалитетот Големо Градиште.
Големо Градиште е сместено во североисточниот дел на Македонија, на 17 ха површина меѓу кратовските села Димонци и Коњух, на висок рид покрај Крива Река. Тоа е утврдена градска населба од доцноантичкото време и средниот век. Локалитетот подигнат во 6. век е најистражен во овој регион кој бил населен уште од праисторијата.
Поради бројните остатоци од големи и значајни објекти, богатиот археолошки материјал, повеќе базилики, монети, стакло и други предмети, се претпоставува дека на ова место се наоѓал древниот град Транупара, во народното предание познат под името Коњух-град. Во ранохристијанскиот период градот бил втор по големина и важен трговски и црковен центар во римската провинција Дарданија, сместен на главниот пат што водел за Софија.
И денес се таму видливи куќи, улици, одводи, канализација, резервоар за вода, па дури и скали, а на југозападната страна на ридот во стрмните меки вулкански карпи има издлабени мали одаи за кои се верува дека биле монашки ќелии. На горниот зарамнет дел има остатоци од стражарски кули и тврдина, а во карпите е направено светилиште. Доминантноста на ридот над пошироката околина била од голема стратешка важност за безбедноста на градот и неговите жители во тогашните немирни времиња.
Легендата вели дека некаде под водата на Крива Река има влез кој води до тајна соба што се наоѓа во средината на ридот и до која може да се стигне само рано наутро. Таму имало фигура на жена пред која свети вечна светлина. Каде одат шатките, од таму е влезот во градот. Се верува дека влезот во тврдината е во близина на мостот Ракле на Крива Река. Преку него се стигнува до селото Димонци кое од стариот град е оддалечено околу 2 км.
На околу 300 м јужно од градот, се наоѓа црквата „Св. Јован Крстител“, изградена во 1955 година. Таа била направена на местото каде што е откриен Градот на воините или Златен град, како што го нарекуваат мештаните. Покрај неа има остатоци од гробница и стара црква Ротонда, направена од зелен вулкански камен. Ротондата потекнува од 6. век и со својата кружна форма е уникатна во Македонија и раритет на Балканот.
Во подножјето на наоѓалиштето има остатоци и од градска базилика и една гробна црква „Св. Ѓорѓи“ од 14. век. Тоа е мала црква во чија внатрешност кај олтарот има остатоци од живопис. Во 1954 година црквата е ставена под законска заштита и е прогласена за споменик на културата.