Малиот убавец Камник

Малиот убавец Камник

Планинските природни предели во Македонија навистина пленат со својата убавина. Источна Македонија крие едно такво место. На само 9 км источно од градот Штип и на 5 км југоисточно од селото Радање, во атарот на раселеното село Мал Габер, во југозападниот дел на Општина Карбинци и во северозападното подножје на планината Плачковица, се наоѓа Камник, мал и плиток, но мошне впечатлив кањон сместен во долината на Кошевска Река, притока на Радањска Река.

Таинствен свет кој воодушевува со уникатни камени форми на високи карпи со издигнати стрмни страни и тесни премини. Кањонот е создаден со вертикално всекување на малата Кошевска Река во цврсти и отпорни карпи. Посебна убавина му даваат и разнобојните слоеви на карпите, бројните вирови, брзаци, и малите атрактивни водопади (до 5 м) со џиновски лонци во вид на базени, покрај кои се поминува.

До Камник најлесно се пристигнува преку селото Радање, каде завршува асфалтниот пат и се продолжува по земјен пат уште околу 5 км. Кањонот започнува на околу 300 м спротиводно од вливот на Кошевска Река во Радањска Река. Има должина од околу 1,5 км и длабочина од само 10 до 50 м. До него е обезбедена потребна инфраструктура за непречено движење како што се патокази, сајли, билборди и места за одмор. Низ него постојат две патеки: една потешка, покрај самиот водотек, и друга полесна на 30 до 40 м над дното.

Кањонот Камник во народот се нарекува уште и „македонски Колорадо“. Самата долина е специфична поради големото количество наносен материјал, многубројните плавини, камења и блокови натрупани кон дното на долината. Реката најчесто изгледа како мало поточе, но водостојот е доста променлив, а за време и после обилни врнежи, слабиот поток станува силен и бучен пороен водотек. Возбудливото доживување може да продолжи и преку кањонот до врвот Камник (876 м) од кој кон север и кон запад се протега прекрасен видик.

Со својата богата геолошка историја, бујна природа и разновидни релјефни пејзажи, малиот убавец Камник е идеално излетничко прибежиште за релаксација и уживање. Без разлика на годишното време, може да се посети во текот на цела година, но најживописен е во пролет кога има широк спектар на колоритни бои, изобилство на вода, на флора и на фауна. Кањонот Камник е одлична дестинација со прекрасна глетка, раскош и изобилие на преубава природа за сите посетители со авантуристички дух, ентузијазам и желба за истражување.

Comments are closed.