Кичевското Китино Кале

Кичевското Китино Кале

Секое место има своја душа, единствена, за себе сопствен свет кој крие многу приказни и тајни кои се случиле во минатото. И градот Кичево е такво место. Се наоѓа во средишниот дел на Западна Македонија, на надморска височина до 650 м, во Кичевската Котлина под југоисточните падини на планината Бистра, на 110 км од Скопје, речиси на половина пат меѓу Гостивар и Охрид.

Кичево е еден од првите градови во Македонија кој бил поврзан со железница. Познат е по возот на пареа „Ќирчо“, кој сообраќал од Скопје до Охрид од Првата светска војна па сѐ до средината на 60-тите години. Патувањето траело долго, некогаш и по 24 часа. Денес возот е изложен покрај автобуската станица. Градот е познат и по старата градска архитектурата, старата чаршија, квалитетните грнчарски производи, но и по најдобрите пекари и фурнаџии.

Народните легенди велат дека името на Кичево се поврзува со тврдината над градот што ја изградил кралот Волкашин за ќерка му Кита, кнегиња и сестра на Крали Марко. По нејзиното име тврдината била наречена Китино Кале или Китинград. Подоцна, под Китино Кале била создадена населба која по прекарот на Кита – „Киче“, била наречена Кичево.

Китино Кале е археолошки локалитет, од типот на утврдена населба од бронзеното и железното време, како и од средниот век. Сместено е на мал питом рид, кружен и зарамнет озгора, што се издигнува на 20 м над централното градското подрачје и видливо е од целиот град. Во некои временски периоди постоело како главна населба, со два реда цврсти тврдини и кули. Зафаќа површина од 1,5 хектари со ѕидини во должина од 440 м.

Сѐ уште постојат остатоци на темели од бедем и кули, каде се најдени монети од времето на Александар Македонски, на Јустинијан и на Волкашин. Последното ниво со влезната порта било каде што е денес Спомен-костурницата. На врвот бил дворецот во кој живеела Кита. Во близина на бедемите имало и саат-кула, која била уништена во пожар.

Тврдината била клучно место за контрола над Кичевската Котлина. Околу неа многу пати се кршеле копја за превласт. Преданијата говорат и за постоење на подземен тунел кој бил користен за бегање во случај на пробивање на ѕидините. Тунелот излегувал кај месноста Чука. Под тврдината на југозападната страна постоеле стари гробишта, а има и пештера која не е истражена.

Денес целиот простор на Китино Кале е обновен и реконструиран, паркот со боровата шума е уреден и претставува пријатно место за рекреација и дружење на посетителите, како и атракција за туристите кои сакаат да се запознаат со убавините на овој крај.

Comments are closed.