Сините вирови на Дебрца

Сините вирови на Дебрца

Чистата и недопрена природа во Македонија изобилува со богат и разновиден биодиверзитет кој треба да се штити и чува за идните поколенија. Во Западна Македонија, на само неколку километри од патот Кичево-Охрид, на околу 30 км северно од Охрид, на подрачјето на Општината Дебрца, помеѓу селата Белчишта и Ново Село, се наоѓа мочуриштето Белчишко Блато, познато и како Сини Вирој или Белчишки Сини Вирови, поради големиот број езерца со модро сина боја. Тоа е најголемото сочувано водно живеалиште во Македонија, со површина од околу 1,2 км2.

Мочуриштето е природен резерват, реликтен остаток од некогашното Десаретско Езеро, со кое котлината Дебрца била поплавена во плиоценот. Кон север и исток е обрабено со возвишението Габер кое е издаден западен огранок на Илинска Планина, додека кон југ и исток е отворено кон пространата рамнина на котлинското дно на Дебрца, со надморска височина од 767 м. Се напојува од повеќе издашни студени карстни извори чии истек ја образуваат реката Матица.

Со повлекување на Десаретското Езеро по должината на реката Сатеска, бројни ендемски видови на растителен и животински свет останале да постојат и понатаму на ова подрачје. Во водниот екосистем на мочуриштето истражувањата покажале дека постои голема разновидност на флора и фауна. Евидентирани се голем број различни растителни видови, видови на риби, птици, цицачи, водоземци, влекачи и безрбетници: бел штрк, ибис, патки, видри, лилјаци…

Мештаните мочуриштето го користат за напасување и поење на стока, косење, лов, риболов и рекреација како место за пикник. Особено е специфично и поради поплавените евлови шуми. Локалитетот е уреден со клупи, видиковци и со набљудувачница за птици. Патеката со должина од околу 5 км што води покрај разиграните вирови и изворчиња е идеална за туристички рурални активности, а погледот кон реката Матица, чии води преку реката Сатеска завршуваат во Охридското Езеро, е чудесен.

Белчишкото Блато е дел од „Емералд“ мрежата, која ја сочинуваат подрачја од посебен интерес за зачувување и идно заштитено европско подрачје како Парк на природата од најголемата европска мрежа на заштитени подрачја во светот „Натура 2000“.

Comments are closed.