Планинската убавица во северниот дел на Македонија, сместена помеѓу Скопската Котлина од југ, Кумановската од исток, Гниланската од север и долината на реката Лепенец од запад, е Скопска Црна Гора. Се протега во правец југозапад-североисток, со највисок врв Рамно (1651 м). Поделена е на два дела, западен повисок и источен понизок. Својата природна убавина ја нуди низ живописни пасишта и ливади, вековни шуми, реки, потоци, водопади, разни лековити растенија и животни.
Споменувана многупати во приказни и легенди, планината е специфична по своите долги планински ограноци, заоблени и делумно каменливи врвови со повеќе длабоки долини помеѓу нив. Со пријатна клима, особено во лето, со чист и свеж воздух, додека зимите се студени, со врнежи од снег во повисоките делови. Богата е со голем број извори и речни текови, студена и освежителна вода за пиење, а некои извори се со минерална вода. Флората е бујна и разновидна, шумите се дабови, букови и костенови, има волци, диви свињи, лисици, птици и друг дивеч. Релативно е лесна дестинација погодна за туризам, за спортски и рекреативни излети, планинарење, панорамско набљудување, параглајдинг, велосипедизам.
На падините на Скопска Црна Гора има селски населби, цркви и манастири, планинарски домови. Бродец е село во Општината Чучер-Сандево, на 900 м надморска височина, оддалечено северно од Скопје на околу 15 км, од каде се простира прекрасен поглед кон градот и Скопското поле. Од Бродец по лесна патека долга 3.5 км се стигнува до местото наречено Спирова колиба, на 1450 м надморска височина, во месноста Бродечки Вирови. За колибата има бројни приказни, како онаа за планинарот Спиро Митков кој ја изградил, и која и денес е отворена за сите посетители.
На овој потег, на околу 500 м источно од селото Бродец се наоѓаат водопадите на Тршченскиот Поток, познати како Бродечки Водопади. Лесно пристапни, на надморска височина од 950-1100 м, во раскошен шумски амбиент се распослале десетина водопади со височина од 2,5 до 5 м. Наредени скалесто претставуваат слап. Најпристапни и највпечатливи се шесте водопади наречени Бучало. Најгорниот водопад е и најголем од 5 м. Најубави се за посета во пролет, кога се топат снеговите и кога расцутува природата.
Интересно и пријатно доживување во овој крај се и видиковците, бачилата, водениците и неколкуте угостителски објекти, како ресторанот Планински Бисер. Сместен во близината на село Бродец, на надморска височина од околу 1000 м, заедно со рибникот, е идеално место за одмор и уживање во вкусните домашни традиционални специјалитети.