Пелистерски очи

Пелистерски очи

На убавината што и ја подарила природата на планината Баба и врвот Пелистер, можат да и позавидат многу познати и популарни светски дестинации. Зашто она што го има Пелистер го нема никаде во светот.

Таму високо во небесните прегратки, тој на своите падини љубоморно крие две росни солзи, две глацијални езера наречени “Пелистерски очи”. Глетката на тие бистри сини или пак, темно-зелени води им го одзема здивот на ретките планинари, спортисти и туристи.

 

Големото Езеро се наоѓа на надморска височина од 2.218 м., долго е 223 м. и широко 162 м., со длабочина од 14,5 м. Малото Езеро лежи на 2.180 м.н.в., долго е 79 м. и широко 68 м., со длабочина од 2,6 м. Оддалечено е само 2 км. од Големото Езеро, но тие никогаш не можат да се видат заедно. Зошто? Бидејќи легендата вели дека Горските очи биле солзи на две сестри кои се вљубиле во исто момче – Пелистер. Но, мајката не дозволила ниту една од нив да се омажи за него, ги протерала на планина и ги проколнала секогаш да бидат блиску една до друга, но, никогаш да не можат да се видат. Скитајќи низ планината, едната сестра стигнала на местото каде што сега се наоѓа Големото, а другата Малото Езеро. И двете скршени од болка по несудената љубов, пролеале толку многу солзи што од нив се создале двете прекрасни езера.

Длабочините на езерата ги чуваат ретките видови на ракчиња, амфиподното и раскошното вилино. И пелистерската поточна пастрмка е нивни постојан жител. Студената вода е спас и за жедните мечки, кози, волци и диви коњи.

 

Покрај Големото Езеро ќе ви ја отвори својата врата планинарскиот дом “Димитар Илиевски – Мурато”. Посетете го и допрете ја убавината на Пелистерските очи.

Comments are closed.