Ако сте вљубеник во пронаоѓање на неоткриени убавини, посетете го „градот под Крчин“, како го нарекуваат Дебар, најзападниот град во Македонија. Сместен е до албанската граница, во југоисточниот дел на Дебарското Поле, во подножјето на планината Дешат (Крчин) на надморска височина од 625 м. Опкружен со планините Стогово на исток и Јабланица на југ, тој се наоѓа на брегот до Дебарското Езеро, на вливот на реката Радика во Црн Дрим. Има блага медитеранска клима во летните и континентална во зимските месеци. На градот посебно убав изглед му даваат Вакуфска и Цинцароска Река, Бански Поток и други помали рекички.
Во минатото низ Дебар минувале некои споредни краци од патот Виа Игнација, што укажува на важноста што ја имал. Се спомнува уште во 5. век п.н.е., а истражувањата покажале дека потекнува од градот Добер. За името легендата вели дека Дебар порано бил големо село, чии жители се занимавале со кираџилак. Кираџиите, патувајќи по стрмните патишта ги заморувале коњите, бидејќи биле многу натоварени. Тие ги терале со „Ди-бре, ди-бре!“ и со времето овој назив останал и за селото.
До 1912 г. Дебар бил еден од најразвиените центри во регионот како на економски, занаетчиски, трговски, така и на културен и социјален план. Денес во Дебар сѐ уште постојат некои стари занаети како терзии и дограмаџии, а познати се и дебарските мајстори-ѕидари, тапанџии и зурлаџии.
Дебарското Езеро има површина од 13,2 км², длабочина 92 м и надморска височина 580 м и е најбогато со вода од сите вештачки езера во Македонија. Создадено е со градба на браната Шпиље, а од 1969 г. се користи како акумулација. Недалеку од источниот брег се наоѓа Дебарскиот Остров, сместен северозападно од с. Праленик. Езерото има километри плажи и водата е пријатна за капење, но урбанизиран е само мал дел од крајбрежјето.
Дебар е познат и по лековитите води на бањите Бањиште и Косоврасти. Датираат од крајот на 14. век и се сметаат за најстари во Македонија. Термоминералните води содржат елементи кои придонесуваат за успешно лекување на многу болести. Бањата Косоврасти има најбогата сулфурна вода во Европа со температура од 41°Ц, а водата во Бањиште е богата со карбонат сулфур и има температура до 39°Ц. Токму затоа, Дебарските Бањи добија прво место во Европа, а трето во светот.
Почувствувајте ја дебарската бајка, уживајте во карактеристичната архитектура на дебарските куќи, во убавините на природата, планинарењето и вкусната домашна храна.
























