Разгледница од Зрзе

Разгледница од Зрзе

  

  

Нашата чудесна земја крие толку многу убавини. Оние кои уживаат во планинскиот и селскиот туризам, дефинитивно треба да ја посетат Македонија. Убавите села ќе го привлечат секој љубител на природата, а едно од најубавите е селото Зрзе.

  

Сместено е во Општината Долнени, на 30-тина км северозападно од градот Прилеп, односно на северозападната страна на Пелагонија и Прилепското Поле, во подножјето на планината Даутица на надморска височина од 720 м. Атарот на селото граничи со атарите на селата: Костинци на исток, Сливје и Рилево на југ, Крапа на запад и Маргари и Долгаец на север.

  

Легендата за потеклото на името на Зрзе доаѓа од зрзорењето на реката Бојаник, по што и селото го добива своето име. Во историјата Зрзе се спомнува уште пред 14. век како Мали Мисир, а подоцна и како Зорба. Богато е со значајни културно-историски споменици коишто се дел и од светското културно наследство. Најзначаен споменик на културата е манастирот „Св. Преображение Христово“.

  

Над селото, на 1000 м.н.в., доминира голема бигорна карпа со пештери и вдлабнатини, која како бисерен брош се прикачила на доломитските, мермерни и гнајсеви карпи. Неа уште во 9. век ја населиле монаси, а манастирот датира од 14. век. Меѓу бројните легенди за ова место е и таа дека кралот Волкашин и кралот Марко биле венчани во овој манастир. Низ историјата тој често бил ограбуван, опожаруван и разурнуван, но одново граден и обновуван. Црквата „Св. Петар и Павле“ од 17. век содржи бесценети фрески и икони на Зрзевската иконописна школа – дела на зографите Митрополит Јован (иконата на Христос Спасител и Жизнодавец, 1394 г.) и јеромонах Макариј (чудотворната икона на Богородица Пелагонитиса, 1422 г.). Покрај манастирот со археолошки ископувања пронајдена е и ранохристијанска базилика од 5. век.

  

Поради варовничкиот состав на почвата, Зрзе е богато со бистри и студени извори. Над манастирот избива врелото Извор, на чии води е малиот рибник во дворот на манастирот, а од неговите води меле и селската воденица. Селото е од збиен тип со многу чардаклиски куќи и огради вешто изградени од варовник, но со сè помалку жители, па денес ги има 30-тина, главно стари лица. Населението претежно се занимава со одгледување на разни видови стока и со производство на еколошка храна, на жито и тутун.

  

Околината на Зрзе изобилува со лековити билки, печурки и бројни оревови дрвја. Многу туристи доаѓаат во посета да најдат спокој во манастирот, шумите, водата… Панорамскиот видик, чистиот воздух и душевниот мир секогаш повторно ги враќа на ова место.

  

  

Comments are closed.