Рамниште

Рамниште

  

  

Македонија е ризница на пештери. Десет проценти од македонската територија е под пештери кои мамат низ бујната вегетација. Во Прилепско ги има 30-тина долги до 150 м, богати со колоритни форми и разни видови украси. Фантастичен излет за истражувачите, спелеолозите и авантуристите, но поради непристапниот терен и неприспособените пештерски сали стагнира развојот на пештерскиот туризам.

  

Една од најпознатите и најпосетуваните пештери во околината на Прилеп е пештерата Рамниште. Се наоѓа на 15 км од Прилеп, помеѓу селата Крстец и Ореовец, на западната страна на планината Козјак, на надморска височина од 1100 м. Не е многу голема, но е интересна хоризонтална пештера, која нуди големи сали, тесни канали, пештерски декор и животни.

  

Создадена е од јаглеродни конгломерати наталожени од Пелагониското Езеро со плиоценска старост. Има два влеза, три сали, длабока е 22 м и долга 110 м, најдолга во ова подрачје. Температурата на воздухот во внатрешноста е 13ºС, а релативната влажност е преку 80%. Често се осветлува за туристички посети.

  

Божилак од природно изрезбарена убавина, разнобојно нијансирана од бела, црна, жолта и црвена боја од манган, калциум и други минерали (сталактити, сталагмити, сливови и други). Карактеристичен е сталагмитот „Торта“ кој се наоѓа на крајот од пештерата. Домаќини во пештерата, најчесто, се лилјаците.

  

Од салите особено се истакнува „Невестинската одаја“, која е исполнета со ретко убави бели фигури. Легендата вели дека тука доаѓале младите кои не можеле да имаат деца. Оставале различни дарови и парички, но исто така и кршеле стомни и грнци. Се верувало дека ако тука се скрши земјен сад, ќе има плодност. Во одредени денови, како Дуовден, носеле бардиња со вода и правеле ритуали за нивно здравје.

  

Преданието, пак, што го пренесува Марко Цепенков, говори за бескрајот на ходниците под земјата кои водат дури до Солун. До ова сознание дошол некој ловец во старо време кој со својот загар ловел во близина на пештерата. Гонејќи зајак, загарот влегол во пештерата и се загубил. И покрај потрагата на ловецот, тој не се појавил. Ловџијата по една недела се нашол по некоја потреба во Солун. Шетајќи по пристаништето кај утоката на Вардар, го пронашол својот загар што го загубил во пештерата.

  

„Тивка вода брег рони“, гласи народната мудрост. Она што мајката природа го создавала низ вековите и милениумите, таа мистична подземна убавина, никогаш нема да престане да нѐ изненадува и воодушевува.

  

  

Comments are closed.