Заливот на коските – времеплов низ минатото

Заливот на коските – времеплов низ минатото

Охридското Езеро и неговата убавина отсекогаш биле инспирација за бројните вљубеници во природата и културно-историските вредности. Овој македонски бисер во текот на целата година привлекува илјадници посетители и туристи. Една од неговите богати историски знаменитости е и Заливот на коските, крај кој се наоѓа и Музејот на вода.

На 14 км од Охрид, на јужниот дел на езерото помеѓу селата Пештани и Трпејца, близу до полуостровот и автокампот Градиште, сместено е археолошко наоѓалиште на праисториска наколна населба која датира од доцното бронзено и раното железно време. Местото предизвикува чувство дека магично сте отпатувале во минатото.

Заливот на коските е длабок 3 до 5 м, а локалитетот „Плоча Миќов град“ е атрактивен музејски комплекс со повеќе содржини, со реконструкција на наколните живеалишта и платформа што ја држат дрвени колци, како и центар за посетители со изложбен простор за експонатите. Тука во далечното минато, од 1200-700 година пне, живееле праисториски луѓе со нивниот посебен начин на живот. Над комплексот пак, се издига обновена римска воена тврдина од 3. век, во наоѓалиштето наречено Градиште.

Охридското Езеро изобилува со остатоци од праисториски наколни населби, објекти кои биле потопени во водите. Тоа е видливо во Музејот на вода, каде во водата се поставени пронајдените остатоци од древното живеалиште и нуркачка база за подводна археологија и туризам. Реставрирани се и 24 станбени објекти, позиционирани на дрвена платформа 5 м над водата, поврзани со брегот преку дрвен мост. Во собите има животински кожи, орудија, садови и огништа со автентичен изглед.

Токму овде, во водите на дното од езерото се пронајдени остатоци од 6000 дрвени колци, кои потпирале платформа на која имало можеби и 60-тина дрвени куќарки. Пронајдени се и разни садови и предмети од керамика и камен, со мноштво фрагменти од животински коски, меѓу кои има и такви кои служеле како орудија.

Според истражувањата, населбата се простирала на територија од 8500 м2. Жителите на племенските заедници најмногу се занимавале со риболов, но и со земјоделство и лов. Во секоја куќарка имало дупка на подот и така рибарите можеле да ловат риби. Бидејќи биле изградени од дрвени штици, слама, трски и кал, живеалиштата биле подложни на пожари и често биле обновувани, за што укажува и густината на најдените колци. Платформата со копното била поврзана со подвижен мост, кој се подигал ноќе заради заштита од животни и непријатели.

Заливот на коските и Музејот на вода се чувари на вечноста со восхитувачка привлечност за посета што нуди вистинско и незаборавно патување низ времето.

Comments are closed.