Волшебниот зов на Зовиќ

Волшебниот зов на Зовиќ

Едно од географски најголемите и најретко населените, а воедно најпривлечните и најопеаните подрачја во Македонија е Мариово. Се наоѓа на 50-тина км од градот Битола и поделено е меѓу општините Прилеп, Кавадарци и Новаци. Местото изобилува со прекрасни пејзажи, глетки, чист воздух, но и богата историја, култура и етно традиција.

Во средишниот дел на Мариово се наоѓа ридското село Зовиќ. Припаѓа на општината Новаци, во битолскиот дел на Мариово. Сместено е на карпеста рамнина над самиот лев брег на Градешка Река, на надморска височина од 685 м, помеѓу два ридски гребени на југ и север, во подножјето на висорамнината Добро Поле. Типично планинско село со убави камени куќи и прекрасно природно богатство.

Мештаните паметат и раскажуваат интересни легенди и приказни. Селото го нарекуваат Бзовиќ. Името го добило по една чешма-извор која се наоѓала во денешно Зовиќ, а која селаните на тогашното старо село Леништа ја викале „Бзовиќ“ поради тоа што околу неа имало многу грмушки од растението бозел кои и денес се наоѓаат во селото и пошироко.

Народното предание вели дека селото постоело на три различни места пред конечно да ја добие сегашната местоположба. Имало многу жители, а зовичките моми биле надалеку познати по својата убавина. Од 60-тите години на 20. век започнало масовно иселување кое придонело за денешниот пад на бројот на жители.

Во непосредна близина на селото Зовиќ се наоѓа прочуениот Камен мост кој ја премостува клисурата на Градешка Река. Мостот се смета за едно од најубавите архитектонски дела во Мариово. Изграден е од камени блокови, има сводна форма, висок е 15 м и широк 4 м. Во средниот век, на ова место постоел дрвен мост. Еден ден, некој селанец со претоварена воловска кола поминувал преку мостот кој се преполовил, а селанецот и воловите паднале во реката. Тогаш селаните одлучиле да се изгради нов мост и со здружени сили мостот бил изграден во 1955 година.

Мостот е познат и како „Филмски мост“ поради тоа што тука се снимани сцени од играниот филм „Прашина“ на македонскиот режисер Милчо Манчевски. Покрај мостот до Градешка Река се наоѓа воденица која жителите ја користеле за мелење житарици и претставува вистинска атракција и раритет за авантуристите и посетителите.

Волшебен зов за планинари, велосипедисти, ловци, риболовци… за уживање во селски и манастирски туризам. Капењето во близина на мостот во водите на оваа кристално чиста река, гостопримливоста на мештаните и вкусната здрава храна гарантираат уникатно и незаборавно искуство.

Comments are closed.