Таму каде што чистиот воздух мами со својата свежина, а благата клима, пријатната вода, песочните плажи на езерското крајбрежје и јатата пеликани повикуваат на капење, каде што староградските песни и серенади нежно милуваат, каде што се чувствува опоен мирис на јаболка и на свеж леб од фурна, каде што минатите времиња и настани се запишани во виножитото над горските шуми… таму, каде што и „тишината доаѓа да се одмори“, таму е Преспа. Пленува магијата на оваа заспана убавица. Сместена во југозападниот дел на тромеѓето помеѓу Македонија, Албанија и Грција, Преспанската котлина е опколена со планините Бигла на север, Галичица на запад и со Баба на исток. За ова парче земја легендата вели дека Господ барајќи си место за починка и одмор, за преспив, и наоѓајќи го токму тука, му го дал името Преспа.
Културата во Преспа датира уште од неолитот. Низ овој регион поминувал познатиот пат Виа Игнација. Преспа била и центар на моќната Самоилова држава. Крајот обилува со споменици на уметноста, манастири и цркви, а познат е и по грнчарството и руралниот туризам на селата Брајчино и Љубојно. Етнолошкиот музеј на Јоне Ефтимовски во с. Подмочани содржи над 3000 експонати – примероци на накит, оружје, стари монети и преку 200 традиционални македонски носии. Средиште на Преспа е Ресен, познат по своите тесни улички и уникатна архитектура, особено по дворецот Сарај, кој датира од почетокот на 20. век и денес претставува културен и уметнички центар на градот. Околните питоми села само ја надополнуваат убавата слика.
Преспанското Езеро е второ по големина во Македонија и е едно од најстарите и највисоките езера во Европа. Потекнува од епохата долен плиоцен. Сместено е на јужната страна од Преспанската котлина на 853 м надморска височина. Има вкупна површина од 276 км2 (во Македонија 191 км2), со должина 28 км, широчина 17 км и длабочина 76 м. Разгранетоста на брегот е разнообразна, со заливи, полуострови и песочни плажи. По должината на северниот брег од езерото, богат со вегетација, се протега орнитолошкиот резерват за птици, паркот на природата „Езерани“. На копнена и водна површина од 1917 хектари има околу 270 видови птици, од кои 105 се водни, а 62 се заштитени ендемски видови – пеликан, мал корморан, белоопашест орел, дебелоклунеста вртимушка и други.
Преспа е регион во светски рамки препознатлив по одгледување на јаболка. Квалитетното јаболко е симбол на овој крај, а засадената површина е најголема на Балканот. Сорта која најмногу се одгледува е ајдаред, потоа златен и црвен делишес, зелено муцо, јонаголд, чадел. На есен, цела Преспа мириса на јаболка. Во нејзина чест, во Ресен се одржува манифестацијата „Преспански јаболкобер“ која вклучува голем број културно-забавни активности и изобилство од јаболка и деликатеси подготвени од јаболка.
Искусете го мирниот живот на преспанчаните и уживајте во духот на традицијата, во ѕвезденото небо и колоритното зајдисонце, во шумолењето на езерската вода и миризливите билки, во специјалитетите од свежа риба и преспанскиот зелник…
























