Вилинско ракче (Chirocephalus pelagonicus) е ракче кое живее во Пелагонија, Македонија, во локалитетот Локви (последен остаток од некогашното пространо Пелагониско блато) крај селото Големо Коњари, Прилепско. Овој вид на ракче е ендемски вид во Македонија и живее само во Македонија и никаде на друго место во светот. На листата на загрозени животни на ЕУ се наоѓа и ова животно. Подрачјето на мочуриштето е строг природен резерват и е прогласено за споменик на природата.
Локалитетот Локви се всушност три дождовни локви расфрлани на необработлива засолена почва (уште во турско време била позната солената вода, а локвите ги нарекувале солени бари). Во нив живеат 50 различни видови на организми, од кои 16 се природно ретки видови. Вилинското ракче е со големина од 2 см. Својот животен циклус го почнува рано напролет, а го завршува при крајот на мај кога женките полагаат јајца. Тие имаат дебела обвивка за да може да опстанат скриени во трските во текот на студените зими и летните суши кога локвите пресушуваат. Така, идната пролет при поволни услови се развива повторно вилинското ракче на длабочина до 60 см.










