Во непосредна близина на градот Прилеп во Македонија, во преубава и раскошна природа се сместил планинскиот врв Златоврв (1422 м). Се протега северно од Прилеп, меѓу Стара Река и Прилепска Река, во североисточниот дел на Пелагонија, со површина од 50 км2.
Златоврв името го добил по отсјајот од сонцето кое при изгревањето заради источната поставеност и голите гранитни карпи, од полето во Пелагонија изгледа како да блеска злато. Друго предание вели дека името доаѓа од „златното јаболко“ кое е поставено на врвот на громобранот за привлекување на атмосферскиот електрицитет.
Тука, во пазувите на Златоврв, на едно мало плато меѓу огромните карпи, на надморска височина од 1280 м, се распослал манастирот Трескавец со своите конаци и со манастирската црква „Успение на Пресвета Богородица“. Името на манастирот потекнува од фактот што во тоа место има многу чести и силни грмотевици.
Издигнат високо над карпите и свиен како орловско гнездо, Трескавец дава прекрасна глетка на околните планини Баба, Бабуна и Кајмакчалан, на рамнината Пелагонија, како и на градовите Прилеп, Битола и Крушево. Како еден од најстарите и најубавите манастири во Македонија, бисер е на архитектурата и значаен монашки и духовен центар на Охридската архиепископија.
Просторот бил населен со жители уште пред нашата ера, за што сведочат остатоци од антички ѕидини и голема некропола. Од епиграфските споменици се дознава дека името на населбата било Колобаиса, култен центар на Аполон и Артемида.
Манастирот е сложен комплекс од градби изградени во различни временски периоди. Се верува дека е изграден во 13. век., па надграден во 14. век. Зачувани се кујната и трпезаријата од 14. век. Најстарите византиски фрески во црквата се од 14. век, а има фрески и од 15. па сè до 19. век. Црквата содржи и вредни уметнички предмети, а внатрешниот амбиент е надополнет со икони од 17. и 18. век.
Конаците на манастирот биле подигнати околу црквата во 19. век. Тие се на два ката со проширени чардаци. Биле опожарени три пати, во 1867 година, потоа во 1990 година и во 2013 година, кога целосно изгореа. Манастирот до неодамна гласеше за најнепристапно и најскриено светилиште во Македонија, затоа што до него можеше да се стигне само пеш. По последниот пожар направен е асфалтен пат, а и опожарените конаци се обновени.
Митска и божествена убавина преполна со сè уште неоткриени и неразјаснети мистерии, легенди, приказни, камени артефакти, археолошки и материјални сведоштва и наоди. Прибежиште на достоинство и мир за сите добронамерници.




























