Таму кај што вечно сонце сјае…
Македонија – природен рај на земјата, нејзините живописни планини и мистериозни котлини, длабоки езера и кривулести реки, каде животот тече со различно темпо, е центар на грандиозноста на богатата историја и идиличните села, кои останале речиси непроменети со векови. Географската и културна положба на Македонија, како мост меѓу Истокот и Западот, и раскрсница меѓу христијанската Европа и мистериозниот Ориент, денес ја потврдуваат нејзините жители, со фасцинантно длабоки духовни корени.
Македонија може да ви понуди неброени можности за уживање во природата, а што е најважно, претставува и привлечно и безбедно место за посета. Истовремено, таа е и доволно атрактивна и таинствена за да се чувствувате како да сте доживеале и откриле нешто сосема ново. Вашето задоволство ќе биде доказ дека прекрасната недопрена природа може да биде и во вашата близина, а не некаде таму на крајот на светот.
И Македонците се многу пресретливи, срдечни, прекрасни и едноставни луѓе, чија гостопримливост ќе ја видите веднаш на првата посета. По начинот на запознавање и ненаметливата покана да ве запознаат со знаменитостите на Македонија, веднаш ќе сфатите колку Македонците ја сакаат својата земја.
Прошетка низ Македонија
„Прошетај, погледај, слушни,виденото со поглед го гушни.“
Ајде да патуваме, сегде да свратиме… Ајде да патуваме, со што и да било… Ајде да патуваме, како сонца и ѕвезди,со смев да прeмостиме раздори и бездни.
На Балканот знаен, на топлиот југ, како птица со крила гнездо си свила, таа цветна иконија – земја Македонија. Во неа, другарче, колку да знаеш, стигнеш ли еднаш, од радост ќе сјаеш и како патник со насмевка миласам ќе ја прошеташ со волшебна сила.
Скопје, град со своја приказна. Распослан лежи сред Скопското поле, над него Водно се издига горе. Низ него Вардар, пенлива река палаво тече илјада века. Него го красат дрвореди млади, фабрики, школи, најлични згради. Во него везден смеата блика,со неа гласно, нè кани и вика.
Од Скопје се оди кон Вруток – село, кај реката Вардар отвора чело. Над него Шара издига глава вишнее таа со својата става. А Попова Шапка, тој познат крај,в очи ти плиска блескот и сјај.
Јужно од Таор, Велес се родил. Тука Рацин во малечка соба напишал песна за зората нова, со трепет чуден ја опеал Ленка, девојка лична што станала сенка. „Не, не беше Ленка роденаза тие пусти тутуни…“
Веднаш до Градско, пред многу века постоел Стоби – град убав крај река. Но земјотрес силен во утрина една до темел го урнал, глава му сведнал. Згаснал за навек, во пепел и чад, тој убавец редок, тој римски град. Денес Стоби е спомен за сончево семе,за еден живот во дамнешно време.
А сега малку подзастани, стој! Милувај карпи со погледот свој! Пред тебе се отвора камена врата, над неа летаат птици во јата. Оттука почнува клисурата Демир, од која в срце се чуствува немир. Градот Гевгелија е пограничен град, со нови куќи, извишен, млад. Кај него Вардар буен кон морето се движи. А таму во тој крај преубав, сјаен, во Лерин, Воден, во Солун знаен Македонци живеат како овде исто,Егејското море им е око бистро.
За јунакот Гоце Делчев си слушнал, во спомени драги како брат си го гушнал. Во Кукуш е роден, за правда се борел со врагој често. Но, еднаш така в Баница село сардисан беше… За него сега народот пее, име му слави, в спомен го грее. На Втори август – Илинден светол Крушево слави секое лето. Дојди на гости за да го видиш, прекрасни глетки в очи да ридиш. За бој крвав сказни да слушнеш, в август деветстотини трета Крушево стана Република, ете. Песни ќе чуеш за Питу Гули, за бојот крвав на Мечкин Камен, за црешовото топче, за црвеното знаме,за Гоце, за Карев, за Даме.
Западот гледај, бакарно сјае во Радика река сонот го ткае, по долината нејзина прошетај, иди, манастир светол, застани, види – Свети Јован Бигорски, фресколик, злат. Во Кичево дојди, во тој убав град до него води од три страни пат. Најгусти шуми околу го красатОсломеј и Тајмиште крај него се гласат.
Пелагонијо, Црна река со капки те пои. Патот од Прилеп до Битола е прав, по него се оди и ноќе без страв. Крај него тука во прекрасно село се родил дамна и мојот дедо. Во Прилеп ти сам ќе видиш колку за „жолтото злато“ се грижат, на ѕидој низи како се редат, тутуни жолти како се нижат. Ќе чуеш и како в денови тешки за слобода борби се воделе жешки и како тогаш во овој град-херој пукнала првата пушкана 11 октомври 1941.
Битола, бабам Битола, под Пелистер гнездо што виеш и планинска вода што пиеш. Прекрасен град е тој Охрид древен со цркви, манастири, со тврдина, гребен. Бисери вредни лице му красат, дуќаните преполни со песни се гласат. Прекрасен град е тој Охрид древен тој град на Климент, на Наум, на Кирил и Методиј – просветители знајни на многу споменици историски, трајни. Пред единаесет векови на охридските брегови, на тие места без мраз и снегови времето имало поинакви текови… Постоела права словенска школа што сеела светлост в мрак густ ко смола. Оттука, низ земјава мила,славјанско писмо раширило крила.
Охридското езеро – најлично на светот, највкусни пастрмки ни нуди… За Билјана мома крај изворски води најубавата песна овде се роди… – БИЛЈАНА ПЛАТНО БЕЛЕШЕ… „Како Струга нема друга!“ Ова се кажува често, на славните браќа, на браќата Миладиновци Струга им е родно место. Во Струга се одржуваат Струшките вечери на поезијата, се одржуваат во Домот на поезијата,на Мостот на поезијата.
Пред очите твои сега Преспа се шири, сред неа Преспанското езеро се вири. Во Преспа-поле, во градот Ресен највкусни јаболка се берат во есен. Планински венец се крева, се ниже, во него се Пелистер, Кожув и Ниџе. Од тука би можел сам или со Горјанчаскум да дојдеш и до градот Дојран.
Тука сред езеро в кајче ќе пловиш, мрежи ќе фрлаш, риби ќе ловиш, со топол поглед води ќе гушкаш, од стари рибари сказни ќе слушаш… Сказни за дамнешни лета кога Беласица в крв била сета, кога низ неа, о, маки тешки, врвеле војски ослепени пешки. Од таа глетка, од тешка жалумрел Самоил – македонски цар.
Над Дојран познат, угоре, горе, гради си шири Струмичко поле. Во него сеази жед да си згаснеш, први краставици и домати да каснеш. Од Струмица по пат во Радовиш се стига,запри и во него неколку мига.
И Берово – град е привлечно место, во него и јас престојувам често. Во овој крај, во Русиново – село загина Даме. Тој учител беше, но војвода стана, од Смилево дојде в Малешевска страна. Дојде и в борба за слобода мила ко орел падна изрешетан в крила. Потоа патот кон Делчево те води. Брегалница река со својот тек за жедните ниви е вистински лек. Во Кочанско поле сред ниви што лежаториз се раѓа, зрната тежат.
Патот продолжува, Штип те кани, своите гости тој топло ги прима… Во него текстилна индустрија има. Овче поле е житородно место во него се навраќа често. Во земјава има и рудници знајни, во нив се копаат руди сјајни, најпознат од нив е рудникот Злетово. Кратово е топол кат,македонски гнездоград.
Планината Козјак, ко сестра за брат, за херојот Карпош чува спомен драг. „Кој не го знае Карпош војвода, кој не слушнал песни за него? Бучна му Пчиња приказна шуми, бунтовник Козјак спомени чува…“ Прекрасно е, нели? Денот се јати… Во Крива Паланка намини, сврати. Таму манастирот Јоаким Осоговски е цвет. На враќање малку и во Куманово сврати, со мислите свои во минатото сјати. Од него ќе дознаеш зошто и тукаслободарска пушка почнала да пука.
Од Куманово патот во Скопје те враќа, во него те чека Калето, Водно, училиштето мое, огништето родно. Во него те чекаат и нешта разни, всели ги в песна, заклучи ги в сказни. Засега толку… Сонцето сјае, кој прошетал, видел – тој повеќе знае. Тој повеќе може да кажува, зборува, за МАКЕДОНИЈА, земјава моја и твоја,земјава наша мила.