Долините на кактусите се дел од многуте креации на природата која несебично и ги дарила на Македонија. Иако е добро познато дека кактусот е растение кое расте во пустинските делови на Мексико и САД, во Македонија како необичен природен феномен е пронајден на неколку места.Особено е впечатлива Долината на кактусите која се наоѓа во близина на напуштеното село Клисура, на околу 5 км јужно од градот Демир Капија. На јужната падина на висорамнината Краставец, еден посебен вид на џуџест кактус, кој како форма е многу редок, успеал да се прилагоди на тамошните природни климатски услови и да опстане, благодарејќи на влијанието на медитеранската клима од Егејот. Таа овозможила, според кажувањето на мештаните, кактусите да опстанат повеќе од 15 години и да се шират на сè поголем простор. Погледот кон ридот плени со шаренилото кое ја создава црвено-зелената прекривка на малите линиски наредени растенија – зелени бодликави листови со црвени торбички во кои е сместено семето, а на лето расцутуваат и прекрасни жолти цветови. Кај нив цутењето трае долго и може да се повторува во текот на годината. Зачудувачки е што овие прекрасни билки преживуваат и во зима кога наѕираат над снежното белило.
Се верува дека семето од џуџестите кактуси е донесено од птиците преселници кои се засолнуваат во блиските карпи каде е и живеалиштето на птиците грабливки – мршојадците. Селото Клисура стана познато токму поради кактусите и ретките птици грабливки кои претставуваат природни услови за развој на алтернативен туризам. Последниве години е сè попосетена Долината на кактусите од домашни и странски туристи кои се восхитуваат од живописноста на овие ретки билки. Освен тоа, тука се наоѓа и пештерата Змејовец како една од најубавите пештери во Македонија, со импозантно пештерско богатство.
И во атарот на пробиштипското село Долно Барбарево, како и кај селото Драгобраште во Општина Виница, забележани се ридови полни со кактуси од родот „Opuntia“. Како и од каде стигнале и виреат овде, останува мистерија. Кактуси се видени и во околината на Велес, а ги има во карпестиот дел околу Пешти и манастирот Св. Димитрија. Познавачите велат дека и во овој дел на Македонија кактусот е автохтоно растение кое само израснало, а не е засадено од човек.
Со оглед дека кактусот е една од билките која најбавно расте, од приложените фотографии јасно е дека на овие примероци им требало долго време да израснат и процутат. Поради тоа, за туристите се неповторливо доживување да ги посетат и да ја запознаат недопрената природа во овие краеви, како и ретките природни феномени необични за Македонија.















