Идилата на Конче и Мантово

Идилата на Конче и Мантово

  

  

Конче е село во Радовишко, во југоисточна Македонија и е седиште на истоимената општина. Се наоѓа во средишниот дел на општината, во подножјето на планината Серта, на 20 км јужно од градот Радовиш, близу изворот на реката Крива Лакавица. Сместено е на надморска висина од околу 650 м, со повеќе од 300 куќи, со 1000 години традиција.

  

Конче за првпат се споменува во 1019 г. во записите за византискиот цар Василиј II, иако според мештаните, веројатно е многу постаро. Велат дека во античко време таму се наоѓало селото Костадинци од кое наводно и потекнува името на Конче. Своите почетоци ги бележи како средновековно гратче со манастирски комплекс, а манастирската црква „Св. Стефан“, која датира од 1366 г. била црковно и управно седиште за регионот.

  

Црквата, во чиј двор се наоѓаат остатоци од голема средновековна кула, е позната и како „Св. Богородица“. Интересната појава што оваа црква е позната под две имиња, се поврзува и со чудесната икона на св. Богородица, која сама се појавувала од гевгелискиот крај во оваа црква. Се сметало дека таа има исцелителна моќ.

    

Овој крај нема само долга историја, археолошко богатство и културно наследство, туку и убава природа. На 15 км од селото Конче, затскриена од главните сообраќајни патишта и оградена од планините се распослала прекрасна висорамнина ишарена со обработени ниви со тутун, зеленчук, жито, бостан и овоштарници со сливи, праски и лозја, а сред неа час се белее, час синее големото вештачко езеро Мантово.

  

Мантово како второ езеро по големина во источна Македонија е изградено на реката Крива Лакавица во 1978 г. со цел да го наводнува Радовишко Поле, да обезбедува вода за рудникот Бучим и општината Конче. Сместено е во областа Лакавичко, се протега во правец северозапад-југоисток на надморска височина од 402 м и има издолжен облик со повеќе заливи на вкупна површина од 4,49 км2. Во близина на езерото се наоѓа ридот Габровска Чука, кој е неиспитано археолошко наоѓалиште. Тука се издигнуваат и вертикални гранитни карпи со висина од 2 до 25 м.

  

Езерото се одликува со пријатна микроклима, а температурата на водата во летниот период достигнува 24 °C. Изобилува со богат и разновиден биодиверзитет, со најразлични видови на слатководни риби, птици и влекачи. Најзастапени риби се: крап, сом, караш, клен, плашица, црвеноперка и други, а има и жаби, водни желки и змии.

  

Во поглед на туризмот, ова идилично место нуди чиста околина, спокој, прекрасен пејзаж за прошетки и рекреација, капење и водни спортови, спортски риболов, алпинистичко искачување, велосипедизам, здрава храна, запознавање со локалната традиција и етно туризам.

  

  

Comments are closed.