Иако е мала, Македонија изобилува со реки и езера. Околу 2% од територијата на Македонија е водена површина. Проточното водно богатство пак, на сите реки, рекички, потоци и повремени водотеци, е со вкупна должина од околу 48.300 км или повеќе од обемот на планетата Земја.
Меѓу водите кои течат низ Западна Македонија е и една од најубавите реки, реката Радика. Извира на 2.200 м надморска височина од врвот Голема Враца на Шар Планина. Како десна и најголема притока на реката Црн Дрим, протекува низ националниот парк Маврово, создавајќи живописен кањон, стар неколку милиони години.
Радика е единствена река во Македонија со два слива, Јадрански и Егејски слив. Со канали, од нејзината вода се полни Мавровското Езеро кое со подземни тунели истекува во реката Вардар. На својот пат Радика граничи со Шар Планина на север, со Бистра и Стогово на исток, со Кораб и Дешат на запад, а на југ со Дебарската Котлина. Од изворот до утоката во Дебарското Езеро е долга околу 67 км. Бројни води се влеваат во неа, а поголеми притоки се Рибничка, Мавровска, Жировничка и Мала Река.
Реканскиот крај името го добил токму по смарагдната Радика. Овој планински бисер испреплетен со брзаци и водопад, има проѕирно чиста, бистра и студена вода обоена во темнозелена боја од калциум карбонатот во неа. Секоја капка на водите на Радика крие невидена убавина. Во околината има и неколку чешми со освежителна питка вода.
По кањонската долина на Радика има неколку туристички локации. Една од нив е Трница, каде во ресторанот може да се проба вкусен домашен качамак со овчо кисело млеко. Има и неколку летниковци каде може во мир и спокојство да се ужива во природата и жуборот на водите на оваа преубава река. Посебен шарм на долината ѝ дава и оригиналната народна архитектура на селските куќи од околните села.
Пределот околу Радика изобилува со растителен и животински свет. Од дивечот има срни, диви свињи, дивокози, мечки, рисови, волци, лисици и друго. Водите се богати со прочуената радичка пастрмка со црни и црвени дамки. Покрај риболовот на пастрмки, постојат можности и за лов на крупен дивеч.
Нескротливите води на Радика мамат на посета и уживање во сите годишни времиња. Само така може да се открие оваа божествена природа и да се почувствува сета нејзината привлечност и убавина.



























