ЗАБЛЕСНА „СЈАЈОТ НА СКРШЕНИОТ КРИСТАЛ“
Во секое лошо секогаш има и нешто добро. Тоа е токму тој сјај на скршениот кристал, сјај што симболизира желба за живот и кој е најубав и најјако свети тогаш кога е скршен – со својот блесок тој ни дава надеж и верба во подобро утре, вели Петровска
Во ноември 2011 година излезе од печат уште една нова книга поезија во издание на Заедницата на Македонците во Република Хрватска, а под покровителство на Советот за национални малцинства при Владата на РХ. Втората двојазична стихозбирка „Sjaj slomljenog kristala“ (Сјајот на скршениот кристал) на поетесата Елизабета Петровска беше повод за нејзиното претставување пред многубројната хрватска и македонска јавност во Загреб, што се одржа на 15 декември во големата сала на Хрватското новинарско друштво со поддршка од Заедницата, МКД „Охридски бисер“ од Загреб и Зборот на новинарите на националните малцинства при ХНД.
За книгата зборуваа рецензентите проф. д-р Васил Тоциновски и проф. Огнен Бојаџиски, песните ги рецитираше познатата драмска актерка Костадинка Велковска во инструментална придружба на флејтистката Ѓулијана Алимоски, а програмата ја водеше проф. Тинка Барбутов Крстева.
Во името на Зборот на новинарите на националните малцинства при ХНД, претседателката Марина Апостоловска на Петровска и посака успешна промоција, уште многу нови стихови, но и текстови во списанието „Македонски глас“.
– Новиот ракопис на Елизабета Петровска го потврдува она што го познаваме од нејзината прва, дебитантска книга, наградена со наградата „Стојан Христов“ на Струшките вечери на поезијата во 2010 година. Меѓутоа, таа сега доаѓа со нови стихови, рамноправно испеани и на хрватски и на мајчиниот македонски јазик, кои низ нејзините препознатливи теми и мотиви имаат завидни исчекорувања и естетски резултати во новото поетско пеење. Тука имаме два тематски круга, темата на љубовта и оној втор круг кој ја подразбира мислата, смислата, есенцијата, односно една продлабочена човечка нишка на егзистенцијата. Петровска е поетеса што гледа напред и чекори пред сопственото време. Таа сака да ни каже дека светот може без секого, па и без поетот, но тогаш тој ќе биде многу посиромашен, сив, монотон, безличен… како без душа, без оној златен клуч кој ги отвора сите врати, истакна во својот говор проф. д-р Васил Тоциновски.
Проф. Огнен Бојаџиски во своето излагање рече: – Во сите ѕвездени моменти само поезијата останува како најубав дел на човечката интима. Токму во песните на Петровска, кои се тематски проследени со живописни слики и поговорки, сакам да ја нагласам таа сила на интимата. Нејзиниот прв обид, симболички кажано, беше обид на славејот да излезе од кафезот. Денес славејот излезе и пее слободно. Но, од оваа прекрасна книга може да се почувствува дека славејот носи лузна. Тоа е лузна на животот. Меѓутоа, Елизабета има сила и храброст да ни ја презентира, преточи во едно пеење, зашто поезијата не се пишува туку се пее. Овде се крие и една голема душа која е чиста во себе и длабоко обоена со носталгија, богатство проткаено во поезијата на Петровска, давајќи и една сосема нова димензија, бидејќи таа пее од срце, од спиритот на два јазика. Разликата во пеењето на Елизабета во нејзината трета или четврта книга само ќе се продлабочува, зашто нормално е секој поет да созрева во духовноста и да го победува времето и просторот. Таа успеа да ја спои нишката на носталгијата кон земјата на древното сонце со една нова култура, нова татковина, и со тоа се вбројува меѓу оние творци што и македонската и хрватската култура ја слават и одбележуваат како мостови во своето постоење и за својата иднина.
На крајот од промоцијата, Елизабета Петровска се обрати до гостите со зборовите: – Свесна сум дека со денешниот ритам на животот, луѓето имаат многу малку време за поезија. Таа често им се чини имагинарна, премногу неразбирлива, понекогаш и недоречена… Но, факт е дека поезијата е сепак дел од нашиот вистински, секојдневен живот, без оглед колку тој бил суров и тежок. Затоа не треба да гледаме на животот во неговата празнина, туку во неговата различност, хармонија и убавина. Поезијата е таа што треба да го слави животот и да му се радува, иако понекогаш звучи тмурно, меланхолично, депресивно… Бидејќи таа е само израз на емоционалната состојба на поетот во одредено време и на одредено место. Но, во секое лошо секогаш има и нешто добро. Тоа е токму тој сјај на скршениот кристал, сјај што симболизира желба за живот и кој е најубав и најјако свети тогаш кога е скршен – со својот блесок тој ни дава надеж и верба во подобро утре.
Петровска се заблагодари за укажаната доверба и изрецитира неколку свои стихови, а потоа, гостите го продолжија дружењето на пригодната закуска.
* * *
„Песните на Елизабета Петровска од оваа стихозбирка се силни, но дискретни конвулзии. Тоа се меланхолични грчеви кои од поетот се пренесуваат на светот и од светот на поетот, правејќи ги едно: тажен субјект и тажен објект. Целиот свет е виден низ пламенот на слепилото: светот се укажува како привид, место за лага, за изневера, за осама и тага. Низ сите нејзини песни одекнува една тажна струна, која како да вели – срам ми е што сум човек. Срам ми е што го делам светот со лажни пророци, лажни љубовници, лажни вредности. Таквата поезија нема друга алтернатива освен да биде поезија-дијагноза. Дијагнозата не штеди никого, но и не оди без рана. А на таа рана не може ништо друго, никакво лековито билје да се стави – освен песната сама…“ – д-р Венко Андоновски, универзитетски професор и писател
* * *
„Најновиот поетски ракопис на Елизабета Петровска нè соочува со ретко читателско искуство: песните се создадени и пресоздадени на два јазика (на македонски и на хрватски), при што e невозможно да се препознае која верзија е „оригинал“, а која е „препев“, која е „прва“, а која „втора“ верзија на поетскиот текст. Се добива впечаток дека прочитани заедно песните создаваат нова песна. Напишани во врзан стих, што е реткост во денешно време, песните на Елизабета Петровска и звучат и значат и растажуваат и охрабруваат и растревожуваат и успокојуваат и поставуваат суштествени прашања и нудат можни одговори. Во овие песни емотивноста и рефлексивноста градат неразлачиво единство, исто како што песните во парови градат македонско-хрватски лирски диптиси…“ – д-р Владимир Мартиновски, универзитетски професор и писател












