Изворите на Црн Дрим

Изворите на Црн Дрим

 

 

Ако некогаш Охридската убавина ве понесе на патот кон ова место на вечна уметничка и природна ризница, завршете го вашето патување со прошетка во Св. Наум. Таму, во непосредна близина на овој чудесен манастир, широко се разлеваат обилните извори на реката Црн Дрим. Овие води доаѓаат од Преспанското Езеро преку подземните варовити канали во подножјето на планината Галичица. Се состојат од 30 подводни и 15 крајбрежни извори, со вкупен капацитет од околу 7,5 метри кубни во секунда. На изворите се формираат во мало езерце со површина од 30 хектари и длабочина од 3,5 метри. Температурата на кристално бистрата вода никогаш не преминува 11 степени, но на црните водни желчиња и охридската пастрмка таа воопшто не им пречи, како ни на лебедите, дивите патки и дивите кокошки. Езерцето во текот на своето постоење формирало и две мали атрактивни островчиња. Постои верување дека доколку фрлите паричка во изворите од мостот поставен на брегот кај Св. Наум, вашата желба ќе се исполни.

 

 

Вегетацијата на изворите е многу бујна и разновидна, модро-зелена од алгите кои оставаат импресивна глетка пријатна за очите. Регенерацијата на алгите е постојана и дава чувство на природен аквариум. Околу изворите има три прекрасни цркви, Пресвета Богородица, Св. Атанасие и Св. Петка. Велат дека водата која извира под црквата Св. Петка има лековита моќ за очите.

 

 

Водите од изворите се влеваат во Охридското Езеро преку куса и брза рекичка со капацитет од 10 литри вода во секунда, а истекуваат кај Струга и ја образуваат реката Црн Дрим (што значи „црн елен“). Моја препорака е да направите обиколка низ таа божествена убавина на изворите и да ја почувствувате исконската врска меѓу човекот и недопрената природа. Секој треба да го доживее пловењето со кајче низ изворите на Црн Дрим, да ја слушне тишината и најде божји мир во душата…

Comments are closed.