На кратовските „Куклици“

На кратовските „Куклици“

Македонија изобилува со необични и интересни природни локалитети. Некои од нив, иако тешко достапни, вредни се за секој труд. Таков е случајот и со кратовските „Куклици“.

 

Ако патувате во источниот дел на Македонија, на 8 км. северозападно по главниот пат за Кратово ќе наидете на селото Куклица. Ова мало село од типичен раштркан тип, сместено е на десната долинска страна на Крива Река. Оттаму, на уште 2-3 км., земјениот пат ќе ве одведе до геолошкиот резерват наречен „Весела свадба“ или „Куклици“. Волшебно место, ремек-дело на природата каде се испреплетени и легенди и вистини. Ќе ве пречекаат 148 камени кукли или земјани пирамиди распоредени во секакви групи и форми, а многу од нив наликуваат на скаменети човечки фигури. Поради тоа, локалното население со векови раскажува легенди за нивниот постанок.

 

Една од приказните вели дека камените кукли настанале така што некој човек сакал да се ожени со две жени во еден ист ден. Така, тој ја договорил првата свадба претпладне, а втората попладне. Но, во текот на првата свадба дошла и втората невеста и кога видела дека нејзиниот вереник се жени за друга жена, ги проколнала сите сватови и тие се претвориле во камења. Скаменетите свадбари и денес сведочат за гневот и за болката на несреќната девојка. Мештаните го викаат местото „Весела свадба“ зашто сватовите останале насмеани, а младенците се скамениле во нежна прегратка. Поради овие скаменети „кукли“, и местото го добило своето име – Куклица.

 

Научниците пак, велат дека фигурите се природна појава настаната со долготрајна ерозија на вулкански карпи во периодот меѓу ео­це­нот и плиоценот и стари се меѓу 15 и 20 милиони години. Атмосферските влијанија ги граделе, моделирале, и затоа тие имаат така карактеристичен облик. Овој бавен процес продолжува и денес, менувајќи го обликот на карпите, со што некои постепено се уништуваат, а други се создаваат.

 

Овој локалитет е заштитен како природна реткост. Легенди или вистини, не е важно. Важно е да се сочуваат мистериозните „скаменети свадбари“, а времето можеби само ќе го одгатне овој необичен феномен.

Comments are closed.