Битола

Битола

 

Грбот на Општина Битола ја симболизира богатата историја на градот, а црвено-златниот штит ја претставува современа Битола, подемот на нејзината урбана, духовна и материјална култура. Воедно, со својата визуелна стуктура асоцира и на осончаните врвови на пелистерските молики и пелагониското златно класје. Со својот сферичен долен дел грбот асоцира на белиот амфитеатар во Хераклеја. Сината боја ги симболизира граѓанското општество и демократијата, црвената животот и традицијата, жолтата духовното богатство и неговата моќ, а белата боја е метафора на моралната чистота и етиката.

Знамето на Општина Битола се состои од поле со бела боја, во чие средиште се наоѓа грбот на општината.

 

Битола е град во југозападниот дел на Македонија. Битола е административен, културен, економски, индустриски, образовен и научен центар за тој дел од Македонија. Градот е познат под името град на конзулите. Битола е трет по големина град во Македонија според бројот на жители, додека по површина е втор.

 

Многу важни настани од македонската и балканската историја се случиле во Битола. Градот е граден, доградуван, рушен и повторно граден уште од неговото прво населување во доцното бронзено доба. Потоа во хеленистичкиот период, па Римското царство, сѐ до византиското време имал статус на град со висок степен на цивилизација.

 

Градот е во подножјето на планината Баба (со врвот Пелистер висок 2.601 м), во средишниот дел на пелагониската котлина. Низ него тече реката Драгор. Се наоѓа на 14 км северно од границата со Грција, на надморска височина од 576 м. Градското урбано подрачје зафаќа површина од 30 км². Битола е традиционално важна трговско-патничка врска помеѓу Јадранското и Егејското Море, како и една од најзначајните патнички врски на Балканот со Централна Европа. Според пописот на населението од 2002 година, во градот имало 74.550 жители.

 

Широк Сокак е најфреквентната улица во Битола. Во почетокот била наменета за автомобили, меѓутоа денес е исклучиво пешачка улица и вистинското срце на градот. На Широк Сокак се наоѓаат најголемите продавници, ресторани, театарот со опера, галерии и многу други кафулиња и клубови. Тука се сретнуваат најстарите архитектонски дела и градби на Балканот, коишто го красат градот уште од турско време. На самиот крај на Широк Сокак се влегува во простран цветен парк полн со дрвореди, којшто води до зоолошката градина и античкото пронаоѓалиште Хераклеа Линкестис (Heraclea Lyncestis).

 

Туристички локации: Широк Сокак, Стара чаршија, Хераклеја Линкестис, Саат-кула, Ајдар-кади џамија, Јени џамија, Исак џамија, Безистен, Бања Дебој, црква „Св. Димитрија“, црква „Пресвета Богородица“, црква „Св. Недела“, Зандан-Куле, Спомен соба на Мустафа Кемал Ататурк, Спомен музеј на Гоце Делчев, Спомен куќа на Стив Наумов, Еврејски гробишта, Народен театар…

 

Comments are closed.