Битолска куќа

Битолска куќа

 

При крајот на 19. век и почетокот на 20. век во Битола се градени објекти кои содржат стилски елементи карактеристични за сите нео стилови како влијание преку Европа, со што се создава една еклектична архитектура. Најчести стилови кои се јавуваат во битолската архитектура се: неоренесансата, неокласицизмот, сецесијата и други. Објектите кои се изведувале во старото градско јадро во тој временски период ги следат тогашните современи концепти на градба, со примена на архитектонски стилови актуелни во тогашна Европа.

 

Типот на европската куќа во Битола е изведен во масивен систем, со ѕидови од фабричка тула во варов малтер, со нагласен спрат со меѓукатни венци, на делот каде поминува меѓукатната конструкција изведена со челични шини. Прифаќањето на новиот начин на градба или неговите прилагодени форми на изведба, придонеле кон примената на нови индустриски материјали при изградбата на објектите, со воведување на архитектонски стилови кои ги следеле европските трендови. Иако овој принцип на градба и архитектонско проектирање бил воглавно наменет за стамбените објекти, односно индивидуалните куќи, согласно новите тенденции и општествени токови бил широко прифатен при изведбата на објектите во чаршијата, најпрво во изведбата на стамбено деловните објекти, а подоцна и при градењето на дуќаните.

 

Сите овие објекти комбинирани со монументалните споменици на овој дел од градот и во непосредната околина, со зелените површини и визурите кон околните места, му даваат специфична физиономија и специфичен лик на градот.

 

Извор: Завод и Музеј Битола

Comments are closed.