Преку градбите во Штип се гледа македонската староградска архитектура од традиционален карактер. Заводот и музејот Штип е сместен во обновените куќи на Аневи-Гочеви и Арсови. Овој архитектонски стил, мешавина на византиски и турски влијанија, е најзабележителен во Ново Село, една од најстарите населби во Штип.
Кај новоселските куќи можат да се забележат различни конструктивни карактеристики од времето на 18. и почетокот на 19. век. Мајсторите ги граделе куќите на тесните и неподобни места од локален материјал, камен, дрво и вар или земја. Најчести се куќите со приземје и еден кат, но има куќи и со по два ката. Архитектонски елементи што преовладуваат се еркерите, стреите, покривот од ќерамиди поставен на дрвена конструкција со мал наклон, вертикалните двокрилни прозорци и дрвените опшивки.
Подрумите и приземјето се градени од масивен кршен камен, а катовите од дрвен скелет (бондрук) искован со штички од надворешната и внатрешната страна. Во зависност од желбите и просторните можности, хоризонталните распореди куќите се асиметрични. На распоредот на приземјето на куќата особено влијае и професијата на сопственикот, каде се сместени дуќаните или ановите. На катовите се наоѓаат просториите за живеење и гостинските соби, како и отворени или застаклени чардаци, свртени кон улицата.
Во кујните, собите за спиење и во гостинските соби има украсени долапи со функција на плакари во кои се чуваат разни работи и покуќнина. Таваните во собите се од штици, рамни или обработени, а во побогатите куќи можат да се сретнат и розети во дрворез. Попознати се куќата на Мијалкови, куќата во која живеел Гоце Делчев и други.

















