Ој, Вардаре македонски!

Ој, Вардаре македонски!

 

Во северозападниот дел на Македонија, на неколку километри југозападно од Гостивар кај малото село Вруток во подножјето на Шар Планина, на надморска височина од 683 м од карстен извор извира најголемата македонска река Вардар. Македонија ја напушта кај Гевгелија, а потоа тече низ соседна Грција и западно од Солун се влева во Егејско море. Вкупната должина на реката изнесува 388 км, од кои на Македонија и припаѓа 301 км. Од изворот нејзиното корито се шири, па се стеснува, тече мирно, па подивува… По должината на нејзиното течение проаѓа низ пет котлини и четири клисури и има 37 поголеми притоки (16 од десната и 21 од левата страна) од кои најзначајни се Пена, Лепенец, Пчиња, Брегалница, Треска, Маркова Река, Тополка, Бабуна и Црна Река.

 

Освен по својата природна убавина, Вардар е многу важен за Македонија од економско-стопански, сообраќаен и воено-стратешки аспект. Денес реката не е пловна, иако во минатото по неа се одвивала трговија и со сплавови и чунови (гемии), најчесто од Велес до Солун. Водената моќност на Вардар е искористена само во делот по изворот, каде има хидроцентрала за производство на струја. Реката е богата со риба (пастрмка, клен, црна и бела мрена, белвица, крап, црвеноперка, сом и др.), па е затоа развиен спортско-рекреативен риболов, а позната е и по убавите мостови како што се Камениот мост во Скопје, Железниот мост во Велес и многуте атрактивни висечки мостови.

 

Потеклото на името Вардар не е точно утврдено. Познато е дека во античко време реката го носела името Аксиос. Денешното име Вардар според некои преданија доаѓа од името на византискиот управник на Скопје од 10. век, Варда Склир, кој го регулирал течението на реката Аксиос и со тоа го спасил градот од поплави, па народот во знак на благодарност реката ја преименувал во Вардар.

 

Кога ќе посакате мир, одмор за очи и душа, прошетајте по бреговите на Вардар и запејте ја македонската народна песна: Ој, Вардаре македонски, ти ја красиш Македонија

 

 

Comments are closed.