Ѓаволски ѕид

Ѓаволски ѕид

 

Приказната за Ѓаволскиот ѕид е мошне интересна и мистериозна. Овој несекојдневен феномен се наоѓа во овчеполскиот регион, 15 км јужно од Свети Николе покрај самиот десен брег на реката Брегалница, на јужните падини на планината Богословец. Пристапот до него е тежок зашто мора пеш да се патува, но вреди секој чекор. Ѕидот се протега во должина од половина километар, со височина од 12 м и ширина 2 м, и восхитува со својата грандиозност. Граден од камени блокови со неправилна форма од кои секој тежи околу 4 тона и сврзани со тенок слој црвеникава материја, единствен е по својата складност, оригиналност и убавина.

 

За потеклото на Ѓаволскиот ѕид, дали е овој монумент дело на човекот или на природата, постојат повеќе толкувања што ја разигруваат фантазијата. Некои стручњаци велат дека настанал како последица на побрза ерозија на седиментните карпи и околното земјиште, а други пак, дека станува збор за човечка градба, бидејќи такви карпи не постојат во околината. Наспроти науката, кај народот постои верување дека овој ѕид е дело на ѓаволот и оттаму потекнува и името Ѓаволски ѕид.

 

Според оваа легенда, ѓаволот се обложил со Господ дека за една ноќ ќе изгради ѕид и ќе ја пренасочи Брегалница преку ридот кон Овче Поле за да го поплави. Тој го градел ѕидот со таква брзина и сигурно ќе ја остварел својата намера, да не се послужил Господ со итрина. За да го спречи, пред време разбудил еден петел кој пропеал, и така ѓаволот не успеал да го поплави Овче Поле. Постојат уште неколку верувања. Едно е дека ѕидот потекнува од римскиот период и бил дел од некој тунел, во кој Александар Македонски сокрил големо богатство од своите походи. Но, со големите лизгања на земјиштето, останал само ѕидот како дел од тунелот. Во овој мит веруваат трагачите на злато кои со години го прекопуваат целиот регион во потрага по богатството. Исто така, се говори дека во непосредна близина на ѕидот се наоѓа извор чија кисела вода е лековита и често ја користи месното население. Најневеројатно е преданието дека ѕидот е дело на вонземјани, а како факт се наведуваат приказни според кои во последните 50 години над овој ѕид биле забележани педесетина НЛО.

 

Како и да е, Ѓаволскиот ѕид како мистериозна загатка и ден-денес молчи и му пркоси на забот на времето што предизвикува голема почит кај оние што го посетиле.

 

Comments are closed.