Голем Град или Св. Петар е најголемиот природен остров во Македонија, кој се наоѓа на југозападниот дел од Преспанското езеро. Настанал како резултат на дамнешните тектонски поместувања, кога под дејство на силни земјотреси дошло до одвојување на дел од соседните карпи. Поради неговата природна реткост, дива и мистична убавина, островот претставува едно од најубавите места во светот.
Тој е сместен во непосредна близина на тромеѓето на три држави, Македонија, Албанија и Грција. Најкусиот воден пат до оваа природна тврдина е од селото Коњско, а до него може да се стигне и од селото Стење и плажите Претор и Отешево. Има елипсовидна форма и наликува на школка или мал зелен гребен, со површина од околу 2 км2, должина од 750 м и широчина 450 м. Највисоката точка изнесува 50 м над езерото. Геолошкиот изглед му е необичен и уникатен. Целиот остров е со карпи и клифови високи од 20-50 м кои како прстен го обиколуваат и го прават непристапен, освен од неколкуте мали заливи од каде е можен пристап со чамци. Стрмите карпи, платото меѓу нив, огромните бели камења, зелената вегетација, пештерите и малото пештерско езерце пленат со својата убавина.
Специфичната географска положба, геолошкиот состав и близината на медитеранот му овозможиле да има посебна блага микро клима и да го краси единствена зоо-ботаничка градина со бујна флора и фауна. Преовладуваат разновидни ендемски растенија. Најмногу е застапена шумата на дива фоја што вирее на карпите, која достигнува старост и до 300 г. Се среќаваат и папрати, бршлени, аспарагуси, бели кринови, бадеми, смокви, дудинки… Благиот медитерански амбиент привлекува и многу ретки птици кои ја нарушуваат волшебната тишина. Најбројни се кормораните, а има и многу пеликани кои го посетуваат островот секоја пролет и остануваат сè до есента. Престојуваат и диви патки, гнурци, ластовички, билбили и гулаби. Островот е познат и под името Змиски остров поради присуството на голем број змии и други влечуги, како што се неотровната белоушка, отровниот поскок и смокот. Се среќаваат и разновидни инсекти, пеперутки, гуштери и желки.
Денес овој остров е пуст, но културно-историските споменици и археолошките ископини зборуваат за долгите векови на неговата населеност. Цели 20 века постоел континуиран живот, а 4 века и манастирски. Откриени се остатоци од населби од неолитот, хеленистичкото и римското време, некрополи од римскиот период и средниот век, наоѓалишта од ранохристијанскиот период, базилика од словенскиот период и 6 цркви од постојните 12, од кои единствено е сочувана црквата „Св. Петар“ од 14. век. Се верува дека во 10. век островот бил резиденција на цар Самуил.
Голем Град е прогласен за строг природен резерват и е дел од националниот парк Галичица. Од 2008 година по 30 години тој е повторно отворен за посетители. Ако сте љубител на вакви егзотични патувања, овој остров е идеална дестинација за вас и ќе ви донесе незаборавна авантура.


















