Лазарополе

Лазарополе

 

Источно од градот Дебар во прегратките на југозападниот дел од планината Бистра, на 1.350 м надморска височина, на голема падина се скрило уште едно парче македонска убавина – второто по големина мијачко село Лазарополе. Со својата архитектура, клима и природа, тоа претставува вистински планински рај за посетителите.

 

Распослано е во малото карстно поле Коритник каде се наоѓаат 400-тина селски куќи, сите изградени од камен како некакви средновековни тврдини, и со извонреден поглед кон долината на Мала (Гарска) Река и планината Стогово. Поради благата планинско-континентална клима и големото количество на врнежи, изобилува со ливади богати со полски цвеќиња и букови и дабови шуми кои нудат кристално чист и свеж воздух. Селото е познато по единствената лазарополска дива роза и лазарополските шарпланинци, овчарството, квалитетниот кашкавал и белото сирење, и по уникатната лазарополска носија, особено женската.

 

Во духот на богатата црковна традиција, ова е место на повеќе цркви и светилишта. Најстарата селска црква „Св. Ѓорѓија“ (1841) е монументална градба со икони од непроценлива вредност и претставува симбол на културата во Мијачијата. Во околината се наоѓаат Св. Ѓорѓија – Ѓурепи и Крстот на Цуцул, Св. Архангел Михаил, Св. Атанасиј – Св. Танас, Св. Петка, Св. Спас – Соколица и големиот Крст. Познати археолошки локалитети во близина на селото се Оралиште, Каптажа, Јаворска Вода, Главино Село и Јама.

 

Лазарополе е родно место на голем број творци, поети, резбари и сликари. Некогаш ова село броело 3000 жители, но денес е само туристичка дестинација. Пределот е одличен за планинарење, планински велосипедизам, јавање на коњи, спортски лов, параглајдерство и трчање со скии во текот на зимскиот период, но и инспирација за фотографите и поетите. Како дополнение се и неколкуте културно-уметнички манифестации што се организираат во летниот период, меѓу нив и познатиот „Лазарополе Фест“. Од неодамна, за посетителите е отворен и Калин хотел.

 

За настанувањето на селото, легендата вели дека луѓето бегајќи од Турците се скриле во пештерата Калина дупка. Но, Калина мома почнала да пее. Турците ја слушнале и запалиле оган пред влезот на пештерата. Сите се задушиле освен Лазар, кој успеал да излезе. Тој го основал селото кое и денес го носи неговото име. Инаку, старословенскиот збор „лазоръ“ означува големо пространство без шума, додека пак, историски се смета дека Лазарополе настанало од раселените жители на Главино село и Лопушник.

 

Кој не бил, нека го посети Лазарополе, било на пролет кога ќе ве маѓепса зеленилото и мирисот на нарцисите, на есен кога очите ќе ви се исполнат со живописни бои на шумата, или во зима, кога снегулките во белината го танцуваат својот танц. Ако дојдете на лето пак, на големиот празник „Илинден“, ќе ве пречека екот на зурлите и тапаните, и бисерот на македонскиот фолклор, печалбарското оро „Тешкото“.

 

Comments are closed.