Моноспитовско блато

Моноспитовско блато

 

Моноспитовското блато или малата македонска џунгла e последното мочуриште во Македонија. Се наоѓа во атарот на с. Моноспитово, на десетина километри од Струмица, во источниот дел на Струмичката котлина под планината Беласица. Лево од патот кој води од селото кон бањата Банско и на надморска височина од околу 210 м, ова континентално-субмедитеранско подрачје нуди уште една педа од мистичните природни македонски чудесии достојна за восхит.

 

Блатото е остаток од некогашното големо езеро каде кон крајот на терциерот живееле мамути и диносауруси. Настанало пред 20 милиони години во време кога се формирало Егејското копно, а подоцна истекло кон Егејското море. До 1947 година зафаќало површина од околу 5000 хектари, а сега познатиот „ѓол“, како го нарекуваат мештаните, се простира на само 400 хектари од кои 250 се под вода и трска. Богат со многу видови дрвја, папрати, алги, барска трска и безброј птици, инсекти, пајаци, водоземци, влекачи, цицачи и риби, овој споменик на природата е засолниште на единствена флора и фауна, живеалиште на редок растителен и животински свет. Најпознати се ендемските реликти кралскиот папрат и луковата жаба. Од 112 видови птици, најзначајни се црниот штрк и малиот орел кликач, а од цицачите видрите и лисиците. Се наоѓаат и лековити растенија, но и јајца од барските птици.

 

Ова подрачје со години било еден од главните извори за животна егзистениција на жителите од околните села. Масовното искористување и исушување на блатата и мочуриштата со текот на времето ги довело пред исчезнување. Заради тоа, заштитата на Моноспитовското блато денес претставува приоритет и постојат повеќе иницијативи и напори за спасување на овие уникатни водни станишта.

 

Благодарение на проектот за негова ревитализација, со средства од европските фондови изградени се платформи и дрвени патеки по кои може да се чекори над блатото и дрвени куќички за набљудување на птиците. Обновувајќи ги изумрените занаети пак, мештаните со рачно изработени предмети од трска, дрво и платно, ги привлекуваат туристите во познатото мочуриште. Чајки од дрво (чамци за пловење), леси од шамак и трска, разни сувенири од глина, трска и платно, им се нудат на гостите кои доаѓаат да уживаат во природните богатства на Моноспитовското блато.

 

Биолошката разновидност на мочуриштето со можност за рекреација, лов и риболов, и типичните елементи од културата на локалното население, позитивно делуваат на екотуризмот во овој крај. Посетете го и уживајте во пријатната прошетка, во мирисот на папратот, во шарените бои на водените цветови, во звукот на птичјиот пој…

 

Comments are closed.