Кокино – тврдина на сонцето и месечината

Кокино - тврдина на сонцето и месечината

 

 

На многуте постоечки убавини што ја красат Македонија со почит можеме да ја додадеме и оваа неверојатна градба, древната мегалитска опсерваторија Кокино, создадена под влијание на природните сили. Сместена е на неовулкански рид, на надморска височина од 1030 м, со должина од околу 90 м и ширина од 50 м, под планинскиот врв Татиќев камен, во атарот на село Кокино, Кумановско. Како културно наследство од исклучително значење, што е единствен таков статус на локалитет во Македонија, откриена е случајно дури во 2001 г. Датира од 1800 г. п.н.е, односно од раното бронзено време и е стара најмалку 3800 години. Американската вселенска агенција НАСА во 2005 г. ја рангираше на високото 4. место по старост во светот.

 

Мистериите што ги крие Кокино се вистински предизвик за археолозите и астрономите. Не залудно се вели дека таму камењата имаат душа. Локалитетот се состои од повеќе шилести карпи создадени со стврднување на истечена лава од активен вулкански кратер, каде се создале процепи. Во седум од нив се наоѓаат камени маркери низ кои се следеле циклусите на сонцето и месечината и се мерело времето. Маркерите со фасцинантна астрономска прецизност ги одредувале главните позиции на сонцето и месечината во текот на годината, есенската и пролетната рамноденица и најдолгиот и најкраткиот ден во годината. Праисториските жители правеле лунарен календар со циклус од 19 години, што е врвно цивилизациско остварување. Опсерваторијата била во употреба над 1200 години.

 

Извршените испитувања и пронајдените артефакти (керамички чинии, амфороидни садови, камени секири) покажаа дека локалитетот има карактеристики и на митска света планина. Најинтересни елементи се троновите. Поставени се така да имаат поглед кон источниот хоризонт и претставуваат свето обредно место. „Нишанот“ бил поставен од два вертикални камени блока со процеп меѓу нив. Набљудувањето на движењето на небеските тела помагало да се прават календари кои служеле за организирање на земјоделските и сточарските активности, како и за одредување на деновите за изведување на ритуалните племенски обреди врзани со култот на плодноста, на светиот брак, меѓу Мајката Земја и Сонцето. Оставените траги од минатото сведочат за времето кога човекот почнал да господари со природата и за неговата генијалност во искористувањето на природните ресурси за свои потреби и верувања.

 

Кокино е драгоцен дел од историјата, митот, легендите… Една легенда вели дека во далечното минато во овој крај се одгледувале коњи, поради што имало многу вешти коњаници. Можеби затоа и приодот до таму е неатрактивен, но глетката е величествена. Имате чувство како да сте на небо и ако кренете рака ќе фатите некоја ѕвезда, додека изгрејсонцето е посебно доживување. Но сепак, добрата зачуваност на локалитетот нè обврзува со го­­лема одговорност да го заштитиме, означиме со патокази и пред сè, да изградиме нов пат за да им го олесниме пристапот на туристите.

 

 

Comments are closed.