Ако некогаш посакате да се впуштите во освојување на земјините длабочини, ќе откриете подземни убавини со непроценливо богатство, создавани со милиони години. Како што вели народната мудрост „Тивка вода брег рони“, така длабоко во утробата на земјата, капка по капка, водата ги обликува песокот и камењата и создава чудесни формации. А каде е многу студено водата замрзнува и се создава т.н. ледена пештера.
Таква е уникатната Ледена пештера која се наоѓа во Македонија на само 30-тина километри југозападно од Скопје, во пазувите на карстните предели на Сува Планина во Општината Сопиште, на надморска височина од околу 1000 метри. Достапна е на еден час пешачење од селото Нова Брезница. Таа има два вертикална отвора, главниот со пречник од неколку метри, а во трите хали во внатрешноста се влегува со благо спуштање. Изобилува со сталагнати (споен сталактит и сталагмит), со каскади и со сливови, но нејзината атрактивност е во минеролошкиот феномен – калцитните проѕирни кристали. Обликот и е во форма на чизма и во зима од дождот и од топењето на снегот, а поради специфичното струење на воздухот, од подот и сводот на пештерата се создаваат прекрасни ледени украси, поради што станува вистинска ледена убавица.
Една сосема поинаква подземна убавица и своевидно геолошко чудо е Кристалната пештера. Лоцирана е на половина пат меѓу градот Дебар и бањата Косоврасти, под големиот бел рид во рудникот за гипс на германската фирма „Кнауф“. Таа е затворена за индивидуални посети, но може да се најави посета на организирана група. Римјаните биле први кои го откриле ова место пред повеќе од 2200 г. Зазема површина од 10-12 км и е најголемо наоѓалиште на гипс на Балканот. Влезот е на неколку метри над нивото на Дебарското Езеро, а температурата внатре е околу 17 степени. Гипсот во пештерата кој се користи исклучително за медицински потреби, се јавува во 3 форми: алабастер, анхидрит и кристал селенит (Богородичино стакло). Освен на ова место, со 99,99% чистота селенитот го има само уште во Мексико. Уникатен е поради хемискиот состав, термалните води, условите и притисокот на земјата и ридот. Целата внатрешност на јамата, трите нивоа, долгите ходници и огромните хали, е исполнета со кристалот. Иако спаѓа меѓу најмеките кристали, тој е компактен и високите сводови немаат потреба од потпора. По подот пак, има барички од термална вода на чија површина е тенка кора, а на дното бел талог. Водата е полна со калциум, магнезиум и сулфур, и лековита е, особено за кожни болести. Проѕирноста на кристалите, прекршувањето на светлината, разиграноста на зраците и сенките го запираат здивот од убавина и го зголемуваат ова единствено доживување.


















