Кратово – град на мостови и кули

Кратово – град на мостови и кули

  

Транопира, Коритос, Кратер, Кратис Кора, се древни називи за стариот македонски град Кратово, градот музеј на отворено, лулка на богато културно историско наследство сместено во преубав природен амбиент. Лоциран е во североисточниот дел на Македонија, на западното подножје на планината Осогово, во кратер на изгаснат вулкан. Тој во 17. век претставувал еден од главните рударски центри на Балканот со неколку рудници на злато и многу дуќани каде што се продавале златни монети и накит. Изграден со типична староградска македонска архитектура, во Кратово навистина има што да се види – мостови, кули, подземни ходници, римски рудници, старата Ајдучка чаршија, прекрасни цркви и манастири изградени уште во 14. век…

  

  

Низ градот течат Манцева, Баба Карина и Табачка Река, кои се спојуваат во центарот на Кратово и ја формираат Кратовска Река. Поради многу длабоките и стрмни клисури на речните корита, уште од стари времиња во Кратово биле изградени вкупно 17 мостови. Иако се градени во различни периоди, сите се ѕидани на ист начин и во ист стил. Денес на Кратовска Река се сочувани 4 камени, еден дрвен и еден бетонски мост кои се заштитени со закон. Најпознат е Радин мост, но се издвојуваат и други мостови: Грофчанскиот, Чаршискиот, Сарајскиот, Јокширскиот, Змискиот, Горномаалскиот и Аргуличкиот мост.

  

  

Кулите во Кратово потекнуваат од средновековниот и турскиот период и се гордост на градот. Нивната основна функција била заштита на градот и на богатите семејства кои живееле во нив. Од двете страни на Табачка Река имало 12 кули, 7 на левата и 5 на десната страна. Само 6 од нив се сочувани, 2 се реновирани со музејски поставки, додека другите се оштетени, повеќето за време на Карпошовото востание. Кулите ги градел кратовскиот владетел-феудалец Костадин Дејанов. Најубава и највисока е Симиќевата, Крстевата била најбогата, најстара е Златковата, а најголема е Саат-кулата. Тука се и Емин-беговата и Хаџи-Костовата кула.

  

  

Паралелно со градбата на кулите, течела и изградбата на подземните тајни ходници и тунели со кои овие кули се поврзани. Сарај кулата е позната по долгите подземни ходници кои се протегаат дури до Радин мост. Преданијата велат дека во кулата се ковале монети, кои биле криени по ходниците. Но, ходниците служеле и за бегање од непријателите, а ден-денес кружат приказни за скриеното богатство во нив, кое трагачите по злато сè уште го бараат…

  

  

Речиси за секој објект во Кратово постојат легенди кои старите жители ги пренесуваат од колено на колено. Импресивните мостови, средновековните кули и традиционалните куќи на градот му даваат посебен историски лик кој едноставно воодушевува, а многубројните таинствени преданија привлекуваат големо внимание и оставаат силен впечаток кај посетителите.

  

Comments are closed.