Кон топлиот и сончев југоисток

Кон топлиот и сончев југоисток

  

Југоисточниот крај на Македонија е преполн со топлина од сончевите зраци, со медитеранска клима и изобилство на највкусни плодови, со мистериозни древности од минатото и антиката, чии траги се сѐ уште присутни во секојдневието на денешнината. Поради тоа, невозможно е овој регион да не поседува исклучителна убавина.

  

Гевгелија се наоѓа на границата со Грција, на 50 м надморска височина во подножјето на планината Кожуф. Има средоземна медитеранска клима и е еден од најтоплите градови во Европа. Со повеќе од 240 сончеви денови во годината, ова поднебје обилува со смокви, калинки, маслинки, мандарини, портокали, лимони…

  

Од средината на 19. век, па сѐ до 1912 г., гевгелиските семејства масовно се занимавале со одгледување на свилени буби. Бубите се хранат со листови од дудинка, па така Гевгелија и денес се лади во сенките на ова растение. Постоела и фабрика за преработка на свилениот конец. Свиларството било многу развиено, а свилата што се добивала била многу квалитетна.

  

Помеѓу Гевгелија и десниот брег на реката Вардар се наоѓа археолошкиот локалитет „Вардарски Рид“, каде се пронајдени остатоци на континуиран живот од крајот на бронзеното време до доаѓањето на Римјаните, разни предмети од метал и керамика, како и богат нумизматички фонд со монети на македонски владетели.

  

Кожуф (името значи овчарско кожувче од јагнешка кожа), е идеално место за оние во потрага по вистински одмор. Со својот највисок врв „Зелен Брег“ претставува природна граница меѓу медитеранската и континенталната клима. Мештаните велат дека таму кај локалитетот „Момина Чука“ има 33 извора на чудотворна планинска вода и ако се напиете од сите 33, ќе живеете подолго. На надморска височина од 850 м, во густата букова, елова и борова шума, се наоѓа локалитетот „Смрдлива Вода“, каде што посетителите се лекуваат од голем број заболувања со прочуената минерална вода. Посебна атракција за туристите, на патот за Кожуф покрај Коњска Река, е ендемичното растение „гол човек“ (Arbutus andrachne), единствено зимзелено дрво што два пати годишно ја менува својата црвенкава и лушпеста кора. Кога се допира, се има чувство како да се допира нежна човечка кожа. Лисјата му се јајцевидни, а цветовите распоредени како гроздови.

  

Чистиот воздух, сонцето, природните убавини и историските наоди се извонредна прилика за туристичка посета на овој крај. И без разлика дали ќе одите на скијање или планинарење, на бањски туризам или само на прошетка, оваа еколошка оаза ќе ве маѓепса.

  

Comments are closed.