Во југозападниот дел на Македонија на 14 км од Охридското Езеро, на падините на планината Јабланица на надморска височина од околу 900 м, се наоѓа селото Вевчани, т.н. држава во држава. Ова е единствено село во Македонија со вистински градски обележја. Вевчани е место на сатира и слободен говор кое има самостојна локална самоуправа и овде како сувенир ќе добиете вевчански пасош и пари „личници“.
Ова село е познато по Вевчанскиот карневал, обичај под маски стар 1460 години, по неколку археолошки локалитети и по многуте светилишта изградени во различни временски периоди. Вевчани е родно место на 21 писател, објавени се 2 толковни речника за вевчанскиот говор, 4 книги за Вевчанскиот карневал, 147 книги (раскази, романи, стихозбирки, монографија) и снимени се 20 документарни филмови за Вевчани.
Во близината на Вевчани се наоѓаат Вевчанските извори, еден од најпознатите и најпосетените природни феномени во Македонија кој се простира на 1370 хектари. Како Споменик на природата и еколошка зона со висок степен на заштита, тие претставуваат сифонско врело со просечен капацитет од 1500 л/сек. Изворите на овој локалитет се карактеристични за карстните предели и се дренираат од варовници со голема старост. Главниот извор е сместен во отворот на пештера, а десеттина метри подолу, се наоѓаат 7 помали извори кои се подземно споени со главниот извор. Соединети, изворите ја сочинуваат Вевчанската река која е долга 6 км и под селото Велешта се влива во реката Црн Дрим. Ова богатство од вода најголемо е во пролетните месеци создавајќи прекрасна слика за врутокот.
Покрај природните убавини и значајните биолошки и хидролошки вредности, изворите имаат и своевидна духовна вредност. Тука се одржуваат повеќе верски и други обреди. Отсекогаш во водите се фрлал крстот за „Водици“, а оној што ќе го фател бил благословен и даруван од сите. Изворите се задолжителен дел од аранжманите на туристичките агенции и масовно се посетени од домашни и странски гости. Уредени се со инфо-табли, пешачки патеки, мовчиња, амбиентално осветлување, параклиси.
Од изворите водата тече низ селото, низ дворовите на куќите и во минатото се користела за воденици кои се денес туристички атракции и пленат со својата убавина. Таа студена вода која планината раскошно ја точи дава пријатно и мирно катче за одмор, медитирање и уживање. По патеките го следи секој ваш чекор, а нејзината бучава ќе ви ги разбуди сите сетила. Посетата на изворите е магнет кој долго ќе ве повикува назад да се напиете од бистрата вода, да се надишете свеж воздух и да ја наполните душата со задоволство.






















