Плачковица

Плачковица

  

Македонија крие небројни убавини, места каде наоѓате душевен мир, каде срцето се полни со емоции и гордост, каде ја негувате љубовта кон родната земја. Едно од тие места е и планината Плачковица. Таа се простира во источниот дел на Македонија, помеѓу градот Радовиш и Струмичко-радовишката Котлина на југ и Кочанската Котлина на север. Највисок врв е „Лисец“ (1754 м).

  

Плачковица е стара грамадна планина и со долината на Зрновска Река поделена е на два дела, источен и западен. Релјефот и е мошне интересен, а геолошкиот состав го чинат гранити, кристалести шкрилци, гнајсеви и тесен појас на мермери. Западните и југозападните падини се голи и развиена е ерозија, додека другите делови се под шума. Реките кои се побогати со вода имаат длабоки речни долини и голем надолжен пад, каменливи корита и кристално бистра вода. Зрновска Река има импресивни брзаци, водопади и вирови, а минувањето покрај нив е вистински адреналински предизвик. Ова подрачје е со умерено-континентална до средоземна клима и поради тоа има богата флора и фауна со неколку ендемски видови.

  

Кањоните „Камник“, „Козјак“ и „Зрновка“ кои се наоѓаат на Плачковица нудат прекрасни природни убавини, а атрактивна туристичка дестинација се и пештерите. Нив ги има повеќе, од кои се пет достапни за посетители. Најголема е т.н. „Голема пештера“ со должина од 600 м. Таа плени со своите пештерски украси и е предизвик за спелеолозите. Помали се пештерите „Ќуп“, „Ајдучка“, „Туртел“ и „Понор“, но и тие се богати со пештерски украси и лесно достапни за посетителите.

  

Во селата на оваа питома и пребогата со вода планина, живее народ кој себе се нарекува „Јуруци“. Тие како сточари биле задолжени за обезбедување храна за војската. Зрновци, Градец, Блатец, Аргулица и Радање се традиционални села со доста сочуван стил и начин на живот, каде и денес може да се сретнат луѓе облечени во народни носии.

  

Токму на Плачковица се планира изградба на првата македонска астрономска опсерваторија. Таа ќе биде поставена на 1400 м н.в. во срцето на планината и освен за научно-истражувачки и едукативни цели ќе биде привлечна и за туристите.

  

За потеклото на името Плачковица, една легенда вели дека татко му на Александар Македонски, Филип II, го донел синот во Светиот Град на планината кај некоја жена која имала моќ да лекува, за да го излекува од преголемото плачење кое го обземало. Жената им рекла дека е детето здраво, а плаче поради тоа што во себе поседува огромна енергија од која се ослободува на тој начин. Mу предвидела дека ќе стане крал на светот и ќе ја надмине славата на татко му. Филип II и кралот Липиј кому Светиот Град му бил престолнина, од радост и олеснување се расплакале и по нивниот плач планината го добила своето име.

  

Плачковица е планина која остава посебен впечаток и која треба да се посети и доживее, било за разгледување, рекреативно планинарење или само за прошетка во недопрената природа.

  

Comments are closed.