Знаете ли кој е градот на поезијата, на мостовите, на Миладиновци, на Црн Дрим, а го красат чаршијата, дуќаните со кепенци, тесните улички, старата архитектура, црквите… Град во кој постојано струже ветрот, кој го заплискуваат брановите на Охридското Езеро, град на пејзажи и контрасти, на најразлични природни богатства… Ако е Македонија рај даден од природата и лулка на културата, тогаш овие нејзини епитети сосема сигурно ги оправдува градот Струга.
Струга е најсончевиот град во Македонија. Овој прекрасен град лежи на Струшкото Поле, во подножјето на грамадната убавица, планината Јабланица, на северниот брег на Охридското Езеро. Среде градот минува реката Црн Дрим, која како змија од изворите во Св. Наум се пробива низ езерото и се излива од него токму пред портите на градот. Реката е прошарена со многу мостови кои пленат со својот амбиент и елеганција и ја спојуваат колоритната разиграна чаршија и шеталиштето. Според една легенда, во средниот век во струшкиот крај по долината на Црн Дрим имало над сто мостови.
Името Струга значи јагула, струже, стриг. Античкото име на градот е Енхалон, што во превод од старогрчки значи јагула. За името на градот постојат легенди. Една вели дека тоа доаѓа од отворената географска положба на градот, место каде што постојано „струже“ (дува) ветер. Друга пак, вели дека некогаш одамна, македонските Словени во струшкиот регион се занимавале со сточарство и овците ги носеле на „стриг“ (стрижење волна) токму на истекот на Дрим од езерото.
Главна манифестација во Струга се „Струшките вечери на поезијата“ која се одржува секоја година, а постои во чест на браќата Миладиновци кои се по потекло од овој град. Маѓепсува волшебниот Мост на поезијата од кој надалеку се слуша пишаниот збор на светски познатите поети. „Незаборавен е шумот на Дрим кој ја облагородува поезијата што одекнува од мостот…“, ќе запише хрватскиот книжевник Славко Михалиќ, добитник на наградата „Златен венец“.
Во околината на Струга има цркви и манастири каде може да се почувствува спојот на природата со мистичноста и светоста на она што го создале и оставиле нашите предци. Сама по себе, Струга е богато културно наследство со најразлични белези на народите кои низ историјата живееле во овој крај, што е пример за меѓуетнички соживот и толеранција. Природонаучниот музеј „Д-р Никола Незлобински“, кој содржи артефакти од животинско и растително потекло од охридскиот брег и уште голем број други знаменитости се авантура која не смеете да ја пропуштите.
Со својата атрактивна местоположба крај долгата песочна плажа и мирното крајбрежје на Охридското Езеро, и со Јабланица од зад грб која нуди можност за прекрасна панорама на целиот крај, Струга претставува одлична туристичка дестинација за посета. А срдечните и гостољубиви мештани секогаш широкоградо пречекуваат намерници, минувачи, соседи, домашни и странци…

























