Сите правци водат кон Миравци

Сите правци водат кон Миравци

  

  

Како со обични зборови да се опише раскошната природна убавина на Македонија, а притоа да се долови сето она што понекогаш е невидливо и за човечкото око? Мошне неблагодарна работа, освен можеби за поетите. Тоа сигурно ќе го потврдат оние среќници што ја вкусиле убавината и што грижно ја чуваат во своите срца и сеќавања.

  

„Си беше еднаш еден Рај, го викаа Бел, а потеклото му водеше од с. Миравци. А како што поговорката вели – сите правци водат кон Миравци – тие несомнено водат и кон Белиот Рај…“ Најубавите реки, планини, полиња, највкусниот зеленчук, најкрцкавите кикиритки… тоа е Миравци, рамничарско село сместено во северниот дел на Гевгелиско-валандовската котлина, од десната страна на реката Вардар, на 110 м.н.в. и на 24 км од градот Гевгелија. Според структурата на атарот (шумско, обработливо земјиште и пасишта), Миравци е полјоделско-шумарско село. Под влијание на суб-медитеранската клима, покрај основните полјоделски култури успеваат и раниот зеленчук (домати, краставици, зелка, компир, млад кромид и лук, марула) и некои тропски и медитерански овошја како киви, калинки, смокви и јапонски јаболка.

  

Црквата „Св. Константин и Елена“ во Миравци е изградена во 1860 г. Иако неколку пати била опожарена и разурната, повторно е обновена во 1990 г. Во близината на селото, на патот кон с. Петрово се наоѓа вештачко езеро. На ридовите над Миравци, кои се дел од источното подножје на планината Кожуф, се наоѓа излетничкото место „Бел Рај“. Тука тече Стара Река која извира на 1180 м.н.в., веднаш под врвот „Висока Чука“ на Кожуф.

  

Со оглед на големата висинска разлика од изворот до устието на реката, природата создала кањонско корито каде што Стара Река се влева во Петрушка Река. Токму на ова место, на 185 м.н.в. е сместен локалитетот „Пилоу лава (Pillow lava)“. Оваа атрактивна појава настанала со излачување на лавата во вода. Нееднаквата температура предизвикала топчесто лачење, а карпите добиле елипсоидна форма. Карпестиот дел на клисурата е висок 13 м. и штити два базена, три слапа и два водопада. Првиот слап е долг 9 м и паѓа во базен широк 11 м и длабок 3 м. Вториот слап е долг 8 м, а третиот 3 м. Низводно се јавува првиот водопад со 5,3 м височина, а потоа и вториот, висок 7 м. Под него е вториот базен широк 10 м, долг 13 м и длабок 4 м. Клисурата е релативно мала, но плени со својата убавина.

  

Специфичноста на овој доста редок феномен има битно значење за науката и едукацијата (предложен е за заштита како споменик на природата), но и за уживање во преубавата пејзажна уметност. Водата во клисурестиот дел се одликува со голема бистрина и чистота, а благодарение на бројните сончеви денови, и со повисока температура која ја прави пријатна за капење. Во излетничкото место „Бел Рај“ има угостителски објект кој е отворен во летниот период. Вистинско место за релаксација, забава, но и за рекреативен туризам во летните горештини.

  

  

Comments are closed.