Едно од најубавите и најмистичните места во Македонија е Јасен, природен резерват кој се наоѓа во северозападниот дел и зафаќа делови на планините Јакупица, Сува Планина, Караџица и Сува Гора. Се протега на 32.000 хектари простран шумски терен, а негово водно богатство претставуваат акумулациите Матка, Козјак и Св. Петка, кои изобилуваат со животински видови. Постојат многу природни извори и реката понорница Оча со најразлични карстни форми. Подземните карстни форми пак, се непроценливо богатство и отсекогаш ги привлекувале спеолозите, а пронајдени се и неколку подземни пештери.
Разновидноста на флората и фауната е мошне богата. Убавина на недопрена природа во која живеат ендемични видови на растенија, дури од тропскиот период, но и ретки, ендемични и загрозени видови од животинскиот свет. Јасен е дом на балканските дивокози и евроазискиот рис, на мечки, елени, срни, муфлони, диви свињи, волци, лисици, диви зајаци и многу други видови дивеч. Од птиците се заштитени лештарката, белоглавиот мршојадец и бувот, а од флората Viola koshaninii, Thymus oehmianus, Dianthus kapinensis и други растителни видови. Јасен е царство и на пеперутки, пчеларки, славејчиња, џвингалки, фазани, еребици камењарки, верверици стоболки, на шумскиот ползач, зелениот гуштер, копнената европска желка…
За заштитено подрачје резерватот бил прогласен уште во 1958 г., но влезот за туристи бил забранет сѐ до 2005 г. И денес нема масовна посетеност од туристи, иако се наоѓа на 25 км од Скопје. Дозволена е само организирана посета, бидејќи неговата огромна површина не дава можност за безбедно движење. На располагање се ловечки објекти кои се отвораат по потреба за организирани групи на посетители.
Ловниот туризам во Јасен се рангира меѓу првите три во светот, а ловиштето се смета за едно од најреспектираните. Но, освен ловот кој е строго лимитиран, овој резерват нуди извонредна можност и за екотуризам. Има безброј шумски патишта и други патеки кои овозможуваат организирање на планински велосипедизам, пешачење, планинарење, јавање, параглајдинг, кампување, риболов, спелеологија, алпинизам, одмор и рекреација. Од големо историско и културно наследство е и сливното подрачје на реката Треска каде се наоѓаат голем број манастири, цркви и светилишта.
Кој го посетил, уживал во природата на грандиозниот Јасен. Со чувство на исполнетост низ глетката на езерата, бескрајното небо и непрегледните планини, во секој период од годината различно обоени, како живописен колорит на примамлива природна уметност.

















