Македонија е позната по својата култура, традиција, убавина. Многу природни реткости кои се вистински предизвик, но и создадени атракции, нудат уживање за туристите. Една од тие создадени атракции е и најмалото вештачко езеро „Младост“ или Велешко Езеро. Сместено е во централниот дел на Македонија на 8 км северозападно од градот Велес. Оваа акумулација направена е во 1962 година во долината на реката Отовица, која е лева притока на реката Вардар, на височина од 274 м, со должина од 1,6 км, широчина до 500 м и длабочина до 25 м. Површината на езерото е 52 хектари со зафатнина од 12 милиони м3 вода. Висината на бетонско-лачната брана е 27 м, а должината при круната е 73 м.
Езерото било создадено за наводнување на лозовите и земјоделските плантажи, но денес сѐ повеќе прераснува во атрактивен туристичко-рекреативен центар. Поради близината на автопатот Скопје-Велес, хотелот „Романтик“ и ресторанот „На Велешко“ на крајбрежјето, а на самото езеро и закотвениот хотел-брод „Панини“, езерото добива обележје на излетничко место, особено на пролет и лето. Најчесто е посетено за спортски риболов (изобилува со рибите: сом, крап, црвеноперка, белвица, караш, сончаница, клен, смуѓ, амур и други), за веслање и едрење на даска, за кампување, излети, пикници и за капење во жешките летни денови. Веќе неколку години по ред на езерото се одржува и Велешки пливачки маратон. Во зима пак, кога се температурите многу ниски, езерото замрзнува и ги привлекува посетителите да уживаат во лизгањето и санкањето.
Велешкото Езеро е дом на тишината и водата. Пејзажната природа околу езерото нуди питома и пријатна атмосфера, идеална за одмор и рекреација. Ова парче недопрен рај го красат и го облагородуваат густа борова шума и зеленило, пешачки патеки и видиковци. Можете да се осамите и да уживате во прекрасната глетка на многубројните видови птици и водни патки, во благиот мирис на флората или во благодатите на сончевите зраци што ја разлеваат својата боја врз сината езерска вода. Тишината ја разбиваат само ветрот и брановите и како да ви шепотат дека се наоѓате во самото срце на Македонија.



















