На Водно

На Водно

  

  

На само половина час одење од Скопје, во јужниот дел на Скопската Котлина сместена е планината Водно. Ова омилено и најпосетувано градско излетиште прогласено е за парк-шума во 1976 г. Планината е долга 12 км и широка 5,5 км, односно зафаќа површина од 4.573 хектари. Највисока точка е врвот Крстовар (1066 м) каде се наоѓа Милениумскиот крст подигнат во чест на 2000-годишнината на христијанството. До него од 2011 г. сообраќа жичница со кабини.

  

Глетката од врвот е грандиозна. На исток се гледаат Осоговските Планини, на север Скопска Црна Гора, на запад Шар Планина, а на југ Караџица, Јакупица и Даутица. Изненадувачки стрмно, со пријатна, типично планинска клима, Водно е магнет за планинарите, велосипедистите и авантуристите – волшебно со својата божественост и чист воздух, мистично во магливите денови, накитено со цвеќиња и зеленило на пролет, во есен обоено во боите на виножито, а во зима оснежено, со борови и елки натежнати од снег.

  

Ако патот ве нанесе на Водно, искористете ја можноста за посета на Видиковецот, но и на културно-уметничките споменици и старите православни манастирски цркви од кои посебно се издвојува „Св. Пантелејмон“ (1164 г.) во Горно Нерези. На терасата на хотелот „Средно Водно“ се снимани сцени од филмот „Мементо“ на Димитрие Османли (1967 г.). На јужната страна на Водно, на локалитетот Говрлево е пронајден „Адам од Македонија“, мала керамичка фигура на машко торзо во седечка положба од времето на Неолитот, кој е единствен археолошки раритет во светот и претставува споменик на човештвото.

  

Според преданијата, Водно не го добило името поради богатството со вода (иако има дури 41 извор, 36 на северната и 5 на јужната страна), туку поради големите порои што се спуштале до градот и го поплавувале. Куќите во подножјето често знаеле да бидат затрупани од огромно количество камења и кал од пороите. Затоа постојаното пошумување има значајна улога во зачувување на планината и градот.

  

Изворите, потоците, водопадите (меѓу кои е и водопадот „Прскало“, висок околу 15 м) и подземните води на Водно значат живот за 1010 видови зимзелени и листопадни растенија и лековити билки, од кои 868 се автохтони, како и за многу птици и животни – срни, елени, волци, диви свињи, лисици, верверички, куни, зајаци… Прошетајте, рекреирајте се, уживајте на падините на скопската убавица, движењето ќе ви отвори нови хоризонти и ќе ве инспирира да го засакате овој ангел чувар на градот.

  

  

Comments are closed.