Овче Поле

Овче Поле

  

Македонија е претежно планинска земја со извонредни природни богатства и убавини. Но, планинските венци се испреплетени со бројни котлини и долини, a влијанијата на континенталната и медитеранската клима даваат висока плодородност на обработливата површина со производство на широк спектар овошје, зеленчук и житарки.

  

Втора по големина житница е котлината Овче Поле или Овчеполие. Сместена е во средишниот дел на Македонија, на надморска височина од 200-400 м. Лежи во сливот на Светиниколска река, десна притока на Брегалница и зафаќа површина од 670 км². Таа е главно рамничарска, со благи ридести делови. Оградена е со масивот Осогово на североисток, Кумановско-прешевската долина на север, Скопската котлина на северозапад, Велешката котлина на југозапад, долниот дел од сливот на Брегалница на југ, сливот на Злетовска река и Кочанската котлина на исток. Низ неа минува магистралниот пат Велес-Штип, а најголемо место во областа е градот Свети Николе.

  

Своето име го добила поради големиот број на стада овци кои тука се одгледуваат и презимуваат. Климата е карактеристична, со долги сушни периоди, топли лета, умерено ладни зими и многу ветровити денови. Освен сточарството, развиено е и полјоделството. Најмногу се одгледува пченица, сончоглед, јачмен, ’рж, овес, просо, пченка, луцерка, детелина и крмна пченка. Поради големите површини засеани со сончоглед и сточарството, развиена е и прехранбената индустријата, па постојат бројни рафинерии за масло за јадење, млекарници, месна индустрија и сл. Подрачјето изобилува и со рудни богатства, а според некои истражувања, во средишниот дел се пронајдени и извори на нафта и земен гас.

  

Релјефот на котлината создава услови за живот на многу грабливи птици, а некои спаѓаат во ретки и загрозени видови – сур орел, орел крсташ, белоглав мршојадец, белонокта ветрушка, мал египетски мршојадец, орел змијар, сив сокол и други. Тука живее и змијата степски удав која достигнува должина и до 70 см.

  

Овчеполието е населено од праисторијата, уште од периодот на неолитот, што е потврдено со археолошки истражувања. Разни предмети се откриени на локалитетите Барутница, Руг Баир и Алин Дол. Најстари потврдени народи биле Пеонците, а има индиции дека тука се наоѓал и најголемиот пеонски град Билазора.

  

Културното и историското богатство во овој крај сѐ уште не е доволно проучено, но познати се посебната архитектура на куќите, изработката на килимите, машката и женската носија и обичаите, а мноштвото народни приказни, песни, легенди и преданија се наслада за душата на секој патник што ќе наврати.

  

Comments are closed.