Збогум Марија Георгиева-Петриќ (1962-2017)

Збогум Марија Георгиева-Петриќ (1962-2017)

Пред затварањето на новиот број на „Македонски глас“ добивме тажна вест за загубата на нашата долгогодишна соработничка Марија Георгиева-Петриќ, од Загреб. Марија од 2004 година беше лектор и преведувач во редакцијата на списанието и длабоко е вградена во медиумскиот простор на Заедницата на Македонците во Република Хрватска. Секогаш прецизна и одговорна во својата работа, ведра и насмеана, таква ќе ја паметат нејзините соработници како во „Бекос“, центар за преводи, така и во Заедницата на Македонците во Република Хрватска и Советот на македонското национално малцинство за Град Загреб, чиј активен член беше.

Посебен печат од нејзината активност ќе остави заложбата за зачувувањето на македонскиот јазик во Хрватска, чиј неизмерен борец беше, докажувајќи го тоа низ лекторираните и преведуваните текстови од 40. број на „Македонски глас“, па сѐ до последниот број на списанието. Марија беше активен поддржувач на бројните активности на ЗМРХ, а некои од нив се одржаа директно под нејзино водство.

Марија Георгиева-Петриќ родена е во Битола во 1962 година. Дипломирала на скопскиот универзитет – архитектура, дизајн и организација. Од 1998 до 2005 година работеше во Амбасадата на РМ во Хрватска, а се бавеше и со хуманитарни активности во рамките на Меѓународниот комитет на Црвениот крст во Загреб. Работеше и како преведувач од хрватски, англиски, македонски, српски и босански јазик. Посебен интерес пројавуваше за филм, уметност и литература.

По долго и тешко боледување, смртта ја затекна на местото директор на „Бекос“, преводителски центар во Загреб. Покрај семејството, оваа драматична загуба на Марија, секако ќе ја погоди и ЗМРХ, која изгуби врвен професионалец, соработник и човек.

Погребот ќе биде на 4 декември во 15 часот на гробиштата во Мирогој, во Загреб.

Почивај во мир, драга Марија!

 

Од Редакцијата на „Македонски глас“ и ЗМРХ

Comments are closed.