Македонија го зазема централниот дел на Балканот и со средна надморска височина од 800 м има мошне сложена географска, хидрографска и релјефна структура. Поради својата местоположба и различните природни и климатски услови, таа е една од ретките земји во Европа која на мал простор има толку богат и разновиден растителен свет со многубројни раритетни и ендемични видови.
Планинските ливади, особено оние затскриените, се вистинска шарена оаза на прекрасни самоникнати цветови и лековити билки. Врз зелената преслека на пролетта сонцето ја разлева својата боја импресионирајќи со колоритноста на цветниот раскош. Дарежливоста на природата нималку не штедела, небаре рајски градини, тие мамат со опојна миризба и уникатна убавина.
Од 3000 видови виши растенија – билки, цвеќиња и дрвја што растат на ова поднебје, 135 се раритетни меѓу кои се вбројуваат Македонскиот мразовец, Алшарската темјанушка, Кајмакчаланскиот каранфил, Маријаниното лале, Македонската муза, Емовата мајчина душичка, Хорватиќевиот чистец и други.
Освен што се мелем за нашите сетила, многу од растенијата се и природен еликсир за здравје. Најпознати лековити билки се: кантарион, мајчина душичка, камилица, нане, чемер, смрека, поддапче, ајдучка трева, чичок, маточина, невен, жалфија, тегавец, магарешки чај, глог, диво оригано, планински чај, коприва, глуварче и други. Нивното лековито својство е докажано и служат за подготовка на традиционални лекови и чаеви, но и како суровина за производство на храна, козметички производи и парфеми.
„Со цветот поубав е светот!“ Меѓу растенијата кои го красат и го облагородуваат ова парче цветен рај, љубителите на природата во еколошки чиста средина можат да се восхитуваат на многу видови диви ливадски и полски цвеќиња како што се кокичињата, качунките, синоличките, трендафилите, нарцисите, белите ради, лутичињата, перуниките, љубичиците, црвените булки, јагликите… Зеленилото прошарано со разни нијанси на бело, црвено, жолто, сино, виолетово и сите можни варијации на овие бои ја полни душата со благодати, а на нас останува само да уживаме во нив и да ги чуваме.