Почина професорот Благоја Јовановски (1939-2018)

Почина професорот Благоја Јовановски (1939-2018)

Заедницата на Македонците во Република Хрватска, Македонското културно друштво „Браќа Миладиновци“ од Осиек и списанието „Македонски глас“ загубија уште еден свој истакнат член. Професорот Благоја Јовановски, кој беше почесен член на МКД „Браќа Миладиновци“, негов иницијатор и долгогодишен претседател, како и потпретседател на Заедницата на Македонците во Република Хрватска, почина на 17 февруари 2018 година.

Благоја Јовановски беше професор по македонски јазик на Педагошкиот факултет во Осиек  и вљубеник во македонскиот јазик, историја и култура. Заедно со уште деветмина Македонци и Македонки од Осиек, на 22 октомври 1994 година, го основаше МКД „Браќа Миладиновци“ и успешно го водеше во два мандата. Неговата идеја, да се остави за иднината она што Миладиновци го втемелија, стана мисла-водителка на Друштвото.

Негова непресушна инспирација беа браќата Миладиновци и нивниот придонес кон развојот на јазикот и националното битие на македонскиот народ. Професорот Јовановски објави повеќе книги и текстови во кои исцрпно се бавеше со легатот на струшките браќа и поддршката на бискупот Штросмаер, меѓу кои е „Вечните Миладиновци“ (објавена 2013 година). Автор е и на книгите „Хрватско-македонски односи низ вековите“, „МКД „Браќа Миладиновци“ – Осиек (1994.-2006.)“ монографија, „Денови на браќата Миладинови“ (1998.-2007.) зборник, „150 години од Зборникот на браќата Миладиновци“ брошура. Уредил и превел повеќе книги од македонски на хрватски јазик и обратно. Особен белег остави во аналите на списанието „Македонски глас“ каде беше главен уредник и дописник. Ќе остане запамтен и како втемелувач и организатор на манифестациите „Денови на македонската култура“ во Осиек и „Денови на браќата Миладиновци“ во Осиек и Ѓаково.

Неговите дела се придонес кон развојот на дијалогот и соработката меѓу хрватскиот и македонскиот народ, а целиот негов живот – пример на поединечна горечка заложба за зачувување на македонскиот идентитет во Славонија и Хрватска, во целина.

Благоја Јовановски е роден во Богомила, Велешко, Република Македонија на 22 февруари 1939 година. Учителска школа, Виша педагошка школа и Филозофски факултет (историја на југословенската книжевност и македонски јазик) завршил во Скопје. Во Хрватска се доселил во 1967 година во Чепин кај Осиек, каде работел како директор на Центарот за култура во Чепин, а бил и директор на Работничкиот универзитет во Осиек.

Од студентските денови се бави со пишување и новинарство. За својата работа е добитник на бројни награди и признанија. Од 1983-2005 година предавач е на македонски јазик на Педагошкиот (денес Филозофскиот) факултет во Осиек. Бил активен член на Матицата на Македонците во РХ, Матицата на Хрватска во Осиек, на Медитеранската академија „Браќа Миладиновци“ во Струга, претставник на македонското национално малцинство во Осиечко-барањската жупанија и др. Афирмирајќи ја сопствената култура, јазик и традиција, Јовановски градеше мостови меѓу двете татковини и го негуваше дијалогот меѓу Македонците и Хрватите, но иницираше соработка и со останатите малцинства во РХ.

Изразуваме длабоко сочувство до семејството, а Заедницата на Македонците во РХ и МКД „Браќа Миладиновци“ му остануваат трајно благодарни за неговата улога и напорите за зачувувањето на идентитетот на Македоците во Хрватска и негувањето на хрватско- македонските врски и односи.

Благоја, почивај во мир.

 

Од Заедницата на Македонците во Република Хрватска

и Редакцијата на „Македонски глас“

Comments are closed.