Деновиве не напушти уште еден од основачите на Заедницата на Македонците во Република Хрватска, Михаил Ничота, новинар и публицист. Веста за смртта на нашиот сонародник, членовите на ЗМРХ ја примија со голема тага, бидејќи не напушти еден голем патриот, драг пријател и благороден човек.
Како што за него се изразува почесниот претседател на Заедницата на Македонците во Република Хрватска, д-р Никола Гроздановски, Ничота го красеа вистински човечки вредности, љубезност, пресретливост, несебичност, благородност и искреност. Како човек и Македонец, тој поседуваше силно чувство на патриотизам за Македонија. Особено треба да се нагласи неговата голема улога и ангажман во формирањето на организираното дејствување на Македонците во Република Хрватска со формирањето на Заедницата на Македонците во оваа пријателска земја.
Неговото име се врзува за афирмирањето на богатото македонско културно наследство, богатството на македонскиот јазик, говорот и пишаниот збор. Упорно се залагаше за зачувувањето на македонскиот идентитет, писмото и јазикот на Македонците, како и богатата македонска историја и традиција.
Значаен печат остави и врз списанието на ЗМРХ „Македонски глас“ како член на првиот уредувачки одбор, а неговите објавени текстови оставаат значаен белег во регистрирањето на битните настани врзани за македонската дијаспора во Хрватска. Се издвојува и неговата активност како член на Советот на македонското национално малцинство на Град Загреб.
Михаил Ничота е роден на 8 октомври 1935 година во Скопје. Во родниот град завршил гимназија, а студентските денови ги поминал во Загреб каде студирал Психологија. Но, едногодишната новинарска Вјесникова школа го одредила понатамошниот негов професионален ангажман како новинар. Долги години ја следел надворешната политика, а посебно се специјализирал за подрачјата на Балканот, Медитеранот и Средниот исток.
Од 1977 до 1980 година бил дописник од Каиро за изданијата на „Вјесник“, а пишувал и за „Данас“, од неговото основање во 1982 година, каде четири години ја уредувал рубриката „Свет“. Одреден период покривал и настани од соседна Словенија. Некои негови текстови се објавувани и во најстариот македонски дневен весник „Нова Македонија“. Во аналите на новинарството остануваат неизбришливите траги од неговите записи и интервјуа со видни светски личности.
Смртта го затекна во Загреб во 83-та година од животот каде живееше со своето семејство.
Михаил, почивај во мир!
Од Заедницата на Македонците во Република Хрватска
и Редакцијата на „Македонски глас“







